Излегува дека се прави чекор напред – два назад, а јавноста доби еден убав впечаток дека има некоја позитивна промена, дека конечно добивме човек, би рекол, за овие позначајни функции во судството и Обвинителството, добивме првпат квалитетен избор што дава надеж дека работите ќе тргнат на подобро. Од тој аспект гледано, малку е несреќно, прокоментира за „Слободен печат“ професорот по кривично право Гордан Калајџиев
Чекор напред, два назад, е коментарот на експертите по „нарачките“ на премиерот Христијан Мицкоски од собраниска говорница, упатени до новоназначениот државен обвинител Ненад Савески, со што го урниса позитивниот впечаток кај јавноста што се стекна по изборот на наследникот на Љупчо Коцевски – дека конечно ќе му тргне на правосудството. Катапултираните приоритетни задачи што треба да ги сработи Савески, јавноста ги оцени како барања на Владата за еден од најодговорните во државата во областа на правосудството. Омилената фраза на премиерот – дека нема втора шанса за прв впечаток – самиот ја погази.
Савески одби да ја коментира изјавата на премиерот.
Мицкоски од седницата за пратенички прашања рече дека од државниот обвинител очекува да ги извади сите предмети што Обвинителството ги чувало во фиока, да истражи како од затвор Јанева активирала предмети, да се истражат и бонусите на СЈО и да се проверат доказите со кои за тероризам е осудена групата за предметот наречен „27 април“.
Наместо да му даде крилја, Владата му ги сечe
Професорот по кривично право Гордан Калајџиев во изјава за „Слободен печат“ вели дека е непријатно изненаден од изјавата на Мицкоски, бидејќи самиот избор на државниот обвинител бил едно позитивно изненадување во смисла дека Владата успеала да се надмине себеси и обезбедила обвинител со интегритет и со професионално искуство што дава добри гаранции за еден нов старт во правниот систем во борбата со корупција и со криминалот.

– Сега оваа изјава ја гледам како малку несреќна. На некој начин, излегува дека се прави чекор напред – два назад, а јавноста доби еден убав впечаток дека има некоја позитивна промена, дека конечно добивме човек, па би рекол за овие позначајни функции во судството и Обвинителството, добивме првпат квалитетен избор што дава надеж дека работите ќе тргнат на подобро. Од тој аспект гледано, малку е несреќно. Не мислам дека е трагично, затоа што ние, впрочем, знаеме дека ВМРО-ДПМНЕ откога дојдоа на власт, во својата агенда ја ставаат приказната со СЈО на преиспитување. Дали е тоа добро и дали е нешто со кое ние треба да се занимаваме, мислам дека не е, ако мене ме прашате. Јас бев најгласен за конкретниот чин на давањето на предметите од Катица од притвор на обичното обвинителство, со многу сомневање и лично барав во повеќе наврати, јавниот обвинител да го покаже документот, бидејќи имаше индиции дека тој е допишуван и целата приказна дека тој беше даден од притвор беше нелогична и правно невалидно. Меѓутоа, не мислам дека сега ние, како и за многу други прашања, вреди да стоиме во место или да се враќаме назад – вели Калајџиев.
Тој додава дека сега има толку многу нови проблеми, дека борбата со криминалот и корупцијата не чека и дека се отвораат нови предмети и оти не треба да се губи време и ресурси, кои и така се мали за стоење во место или за враќање назад. Според него, тоа го правиме погрешно не само во правосудството, туку и во надворешната политика кога станува збор за името, за идентитетот…
– Животот отвора проблеми и мора да дадеме приоритети на нешто што ќе се исплати, што ќе носи напред, а не да тапиме. Затоа приказната со Катица треба да е затворена, нека ја работат истражувачи од историски, од правен аспект, докторати нека прават. Државниот обвинител нема зошто да се враќа на Катица, а ВМРО-ДПМНЕ може да има политички очекувања. Но, кога тоа доаѓа од премиер во форма и со призвук на нарачка, јавноста тоа веднаш го прима негативно. На социјалните мрежи веднаш сите се згрозија од тој тип нарачка, па коментираа – „не е сега ова кафеана, па да нарачуваме“, или – на обвинителот му правиме лоша услуга. Јавноста го прифати новиот обвинител со позитивен став и со позитивни очекувања и сега самата Влада, наместо тоа да го поддржи и да му даде крилја, тие му ги сечат крилјата и велат – а, бе, овој бил пак со нив договорен, за нив ќе работи, ќе му порачуваат што сакаат да гони, што да не гони. Ја оплескаа работата – вели Калајџиев.

Не го спомена „Кочани“
Мицкоски меѓу испорачаните приоритети до Савески не го спомена „Кочани“, иако токму тој предмет е од врвен приоритет за јавноста, но и пресвртна точка за целиот правосуден систем. Според Калајџиев, новиот обвинител за „Кочани“ ќе има реален проблем што ќе мора да го реши, а тоа се различниот карактер на обвиненијата за еден ист настан.
– Начинот на кој се постапува во случајот што веќе е почнат, со оној што се води за полициските службеници е различен. И тоа, сакал-нејќел, обвинителот ќе мора да пресече како ќе го направи, тоа е исто деликатно. Но, да се враќате назад, на Катица, на писмата на Катица… Искрено, дури не знам ни по кој основа тој би се навраќал. Обвинителството си има правни процедури по кои е обврзано да работи, а тоа се Законот за кривична постапка и уште некои прописи. Обвинителството не е анкетна комисија за да се враќа назад и да исправа „криви Дрини“. Во крајна линија, премиерот, ако сака, еве анкетна комисија нека формира и нека истражи, нека влезе во Обвинителството, нека го најде писанието на Катица, нека ги испраша тие пет-шест луѓе што биле инволвирани и нека утврди од политички аспект што била приказната и нека даде политичка оцена за тие времиња, или за СЈО генерално. Обвинителот нема основа да го почне тоа, оти прашање е дали таму може да се најде нов криминал за кој може да се води правна постапка. Со оглед на поминатото време, и дека за Катица веќе правно е разрешено, тешко би можело да стане збор за такво нешто. Може да има премиерот некоја политичка потреба од тоа, меѓутоа, јас би советувал и Владата и премиерот малку повеќе да работат на иднината. Правно да се отвора е губење време, прашање е дали воопшто има смисла. Еве, нека формира анкетна комисија – смета Калајџиев.
Савески не коментира туѓи изјави
Савески, пак, рече дека нема да коментира изјави на други лица. Прашан за информациите дека има предмети што се „чуваат во фиока“, тој побара малку време, бидејќи е само неколку денови на функцијата. Работата на Јавното обвинителство, надлежностите и обврските на секој јавен обвинител, како и на државниот јавен обвинител, произлегуваат од законските регулативи.

– Сум кажал и претходно и денес ќе одговорам на ист начин, никогаш не очекувајте од мене да коментирам нечии изјави, рече Савески.
Опозицискиот СДСМ го искритикува и го обвини премиерот за директно мешање во работата на правосудните органи и воспоставување целосна контрола врз Обвинителството и судството.
– Мицкоски му дели конкретни задачи на новиот јавен обвинител кои предмети да ги отвора и кого да гони, велат од СДСМ.





