Медијаторот во спорот за името Метју Нимиц денеска ќе има заедничка средба со претставниците на Македонија и на Грција во разговорите за името, Зоран Јолевски и Адамантиос Василакис.
Вчера во Њујорк тој ја почна новата рунда разговори за името кога имаше одделни средби со македонскиот и грчкиот преговарач.
Пред средбата, Обединетите нации соопштија дека станува збор за нова рунда разговори за изнаоѓање взаемно прифатливо решение за решавање на прашањето за името.
Американскиот дипломат ги повика претставниците на двете земји на заедничка средба еден ден по вториот круг од локалните избори, а пред вонредниот пролетен извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија, во кој ќе се нотира и напредокот во дијалогот за името.