Организацијата одговорна за уништување на резервите на хемиско оружје во Сирија ќе ја добие годинашнава Нобелова награда за мир, јавува CNN.
Организацијата за забрана на хемиското оружје (ОПЦВ) е основана во 1997 година за да ја спроведува Конвенцијата за хемиско оружје, меѓународен договор со кој се забрануваат производството, складирањето и употребата на хемиско оружје.
Главен дел од неговата работа беше набљудување на процесот на хемиско разоружување меѓу потписниците на договорот, особено САД и Русија, најголемите поседници во времето кога беше потпишан.
ОПЦВ неодамна се појави на насловните страници низ целиот свет откако со посредство на Русија беше склучен договорот за разоружување на Сирија, која се согласи да се приклучи во конвенцијата и да го предаде својот арсенал хемиско оружје.
Сирија би требало да биде целосно разоружена од хемиското оружје кон средината на 2014 година.
За Нобеловата награда за мир, освен оваа организација, фаворити беа и Малала Јусафзаи од Пакистан, и Американецот Едвард Сноуден.