Осло: Норвешкиот Нобелов институт, кој му помага на норвешкиот Нобелов комитет во одредувањето на добитниците на Нобеловата награда за мир, ќе испитува дали имало протекување на информации во врска со името на овогодишниот добитник, јавија норвешки медиуми.
Вчера наградата беше доделена на венецуелската опозициска лидерка Марија Корина Мачадо. Ниту еден експерт или медиум не ја спомнуваа меѓу фаворитите за престижното признание.
Но во ноќта меѓу четврток и петок, неколку часа пред објавувањето на името на добитничката, шансите за Мачадо скокнаа за 3,75 проценти на речиси 73 проценти на платформата за прогнози „Полимаркет“.
Претседателот на норвешкиот Нобелов комитет Јорген Ватне Фриднес за агенцијата НТБ изјави дека „не мисли оти некогаш во целата историја на наградата имало протекување на имиња на добитници“.
– Не можам да си замислам дека сега се случило нешто слично, додаде тој.
Кристијан Берг Харпвикен, директорот на Норвешкиот Нобелов институт, изјави дека, за секој случај, ќе се направи проверка дали имало протекување на информации.
Ограничен број луѓе однапред го знаат името на добитникот на Нобеловата награда за мир, која ја доделува петчлениот Норвешки Нобелов комитет.