470 милиони евра изнесува четвртиот пакет економски мерки со кои Владата ќе им помогне на граѓаните, вработените и на стопанството за да се надминат последиците од кризата предизвикана од КОВИД-19. Новиот пакет мерки денеска го презентираше премиерот Зоран Заев.
„Поддршката ќе биде скалеста и ќе изнесува од 14.500 до 21.776 денари по вработен“, рече Заев додавајќи дека вкупната вредност на мерката изнесува 70 милиони евра и со која ќе бидат поддржани околу 250 илјади работни места. Оваа поддршка ќе се дава за месеците октомври, ноември и декември, а обврска е компаниите да ги задржат вработените до крајот на јули наредната година.
Втората мерка е платежна картичка за за поголема потрошувачка во износ од 6.000 денари, а ќе ја добијат 5.726 самохрани родители 182.271 пензионер со пензии до 15.000 денари, 85.108 пасивни баратели на работа, самостојни уметници.., рече Заев, додавајќи дека ќе ја добијат и оние граѓани над 64 години кои немаат пензија, а се со приходи пониски од 15.000 денари или воопшто немаат приходи.
Оваа мерка е наменета за 280.000 граѓани кои ќе бидат поддржани со 27,6 милиони евра.
Меѓу мерките е и згоелмување на грејс период на бескаматните кредити од Ковид 1 линијата во траење од три месеци, потоа поддршка со плата на туристичките водичи, поддршка за туризмот преку враќање на туристичката такса за 2019 година во износ од два милиони евра.
„Четвртиот пакет мерки е директна поддршка за економската и социјална сигурност на нашите граѓани и поттикнување на приватната потрошувачка, ги имаме предвид сите дејности, сите компании, а нашето внимание е насочено кон поддршка на работните места, на ранливите категории, невработените…, рече премиерот.
Поддршка е предвидена и за угостителските објекти за организирање свадби, игротеките, уметниците, компании, земјоделци….
Новиот пакет е продолжение на претходните три пакета, а целта е да се обезбеди одржливост на македонските економски дејности и работните места, рече премиерот.
Предвидени се бројни погодности за компаниите како одложување на отплата на кредити, но и нова кредитна линија од 100 милиони евра евтини кредити.
Заев за 10, 11 и 12 октомври го најави и викедот без ДДВ.
Парите ќе бидат обезбедени делумно со кратења на расходите на Буџетот, кои не се најитни, а дел се кредити, рече Заев.
Заедно со претходните три пакети мерки вкупната помош надминува 1 милијарда евра насочени кон граѓаните, работниците и стопанството со цел да се одржи стабилна економијата и со потенцијал за ревитализација.