Новата полска комисија за истрага на падот на авионот на полскиот претседател Лех Качински во Смоленск во 2010 година, на седмата годишнина од авионската несреќа на западот на Русија, соопшти дека новите експерименти покажуваат дека авионот уште во воздух бил разнесен од термобаричка бомба.
-Последната фаза на трагедијата во Смоленск ја предизвикала експлозија во трупот на авионот која го уништила авионот, го разнела на делови и на десетици илјади парчиња, притоа убивајќи ги патниците. По објавувањето на експериментите можеме да кажеме дека најверојатна причина за експлозијата е термобаричка бомба, соопшти комисијата за новинарите во Варшава.
Шефот на комисијата Вацлав Берчински претходно за полската државна телевизија ТВП изјави дека експериментите кои ги извршила неговата комисија на модел на труп на авион во аеродинамички тунел и во воден тунел покажале дека руската и полската официјална истрага за авионската несреќа дошле до погрешни заклочоци дека станува зор за авионска несреќа и неосновано ја исклучиле тезата за атентат.
На новинарите им бил претставен филм, кој како што истакна Берчински е илустрација на досегашната истрага на комисијата кој содржи тези дека руските контролори намерно, по директива на Москва погрешно го наведувале авионот така што пилотите да мислат дека се блиску до пистата и да немаат можност да одат на друг круг.
-Активностите на руската страна морале на 10 април 2010 да доведат до катастрофа. Контролорите знаеле дека ситуацијата со авионот ќе биде тешка, ама не само што не го информирале екипажот на ТУ 154 туку продолжиле да го доведуваат во заблуда, соопшти комисијата.
Официјалната руска и полска истрага на несреќата во која покрај претседателот Лех Качински загинаа и 95 членови на високата државна и воена делегација и екипажот на авионот заклучија дека за падот на авионот е виновен обидот на пилотот да слета по густа магла и во невозможни временски услови на лошо опремен воен аеродром во Смоленск, за да не доцнат на комеморација на стреланите полски офицери во Катинска шума кај Смоленск.

