Златната треска и потрагата по скриено богатство кои ја потресуваат државата во последно време,особено со случајот Фаланга 2 во кој им се суди на 15 лица за нелегално ископување меѓу кои и Паско Кузман и Илче Бојчевски, едниот поранешен директор, другиот сегашен раководител во Управата за заштита на културното наследство, беше повод да ги запрашаме познавачите дали во Македонија често се трага по скриено богатство.
Експертите кои се заниваат со оваа проблематика велат дека Македонија со децении била прекопувана за да се најде скриено богаство, закопано старо злато или артефакти. Во изминатиот период по скриено богатство трагала и државата и криминалците и археолозите, љубители на археолошки предмети и монети. На овие простори доаѓале дури и странци за да си ја пробаат среќата во надеж дека ќе се збогатат.
НОВА се обиде да истражи како се бара скриено богатство, кои техники се користат, на што се се изложуваат дивите копачи или колекционери на стари предмети за дојдат до својот плен.
Разговаравме со неколку експерти кои со години ја следеле оваа проблематика и секој од нив од свој агол ја раскажа приказната за трагачите по закопаното богатство. Некои од нив сакаа да останат анонимни, други отворено зборуваа за она што виделе, слушнале или проучувале во изминатиот период.
Нашите соговорници велат дека најчесто по закопано злато трагаат луѓе инспирирани од преданијата, некои велат дека се работи за урбани легенди, други се базираат на документи, трети користат мапи, а во лов по богатство се оди и откако некому на сон ќе му се појави местото каде што наводно има закопано злато.
-Комитското злато се бара според преданијата и обично се закопувало во црквите под масата за причестување. Мапите пак, се изработуваат од луѓе кои знаат да читаат знаци од природата, објаснува за НОВА Драги Несторовски поранешен припадник на МВР, кој долги години работел на оваа проблематика.
Несторовски раскажува дека во Бугарија се цртаат мапи за скриено богатство кои се најчесто лажни, а се продаваат за сума од 100 до 200 евра. Лаковерните копачи ги купуваат и тргнуваат во потрага по закопано богатство. Се копало на разни локалитети низ државата: во Близина на Катланово, во Делчевско, Струмичко, Радовишко, во близина на Црна Река и на многу други места.
Нашите соговорници објаснуваат дека оние што тргнале да бараат злато кое им се јавило на сон применуваат одредени ритуали. Ноќта пред да почнат со ископување ставаат пепел на местото на кое што треба да копаат. Какво стопало утрината ќе се оцрта во пепелта, таква жртва треба да принесат трагачите. Доколку стопалото е од човек, а не од животно тогаш курбан треба да биде човек и во такви случаи поради страв најчесто се откажувале од потрагата.
И во пештерите низ Македонија се криело богатството, злато, накит. Тие што го криеле богатството ставале отровни или халуциногени печурки околу него, за тој што ќе го пронајде да не преживее.
Несторовски за НОВА вели дека има случаи на умрени и осакатени, или луѓе кои ослепеле во обид да дојдат до скапоценостите сокриени во пештера. Во муслиманските објекти пак, златото се закопувало под прагот. Сето ова добро го знаат трагачите по богаство и ништо не оставаат на случајноста, копаат каде ќе стигнат.
Се користат разни техники на пронаоѓање, од обичен конус и некој вид на биоенергија, преку детектори за метали и злато, па се до софистицираната опрема која е во сопственост на еден човек од Охрид, така што поорганизираните екипи кои копаат ја изнајмуваат од него. Познавачите велат дека лицето кое ја поседува оваа техничка опрема, ја платил околу 200 000 евра, а сега добро заработува од неа.
Под земјата се кријат многу тајни и никој незнае дали и колку злато има во Македонија, ниту пак колку е ископано до сега, велат познавачите. Дали мистериозните ископувања на осомничените од Фаланга 2 биле таква потрага по закопано богаство ќе покаже епилогот од судскиот процес кој е во тек. Според обвинението тие вршеле ископувања на локалитетот кај местото Драмски Рид во околината на Делчево каде што се претпоставува дека во затрупаниот тунел германската војска оставила големо количество оружје, како и во близина на Катланово каде што се трагало по закопано злато вредно неколку милиони евра.
Дел од македонските медиуми известуваат дека во издадените согласности не биле наведени точните локации каде требало да се изведуваат ископувањата, немало ниту еден записник од извршена контрола ниту задолжителна фото- документација од извршените ископувања, како и што се случило со предметите. Паско Кузман се товари за злоупотреба на службена положба бидејќи нелегално издал согласнот на две лица да вршат ископувања на двете локации. Првообвинетиот Илче Бојчевски, кој на местото раководител во Управата дојде од МВР, пред судот тврдеше дека се што правеле било со полициска асистенција и со амин на Бирото за јавна безбедност за разбивање на меѓународен канал на шверц со артефакти.
Следува продолжение: Кој се’ трага по скриеното богатсво во Македонија, на кои позначајни локалитети се вршеле ископувања и што е пронајдено.