Новите европски комесари се подготвуваат за “испитот” што треба да го положат оваа недела пред Европскиот парламент (ЕП). Кој, од своја страна, е одлучен да ги употреби своите права и, доколку е потребно, да се спротивстави на именувањето на комесарите кои не ги исполнуваат условите што ги налага ЕП.
Сослушувањата започнуваат во понеделник и ќе траат до 7 октомври. Во вторник на 30 септември на прашањата на парламентарците ќе одговара новиот комесар за проширување и преговори за членство Австриецот Јоханес Хан.
Новиот претседател на Европската комисија Жан-Клод Јункер беше одобрено од ЕП во јули а сега парламентарниот испит ќе го минат уште 27 комесари.
Парламентарците имаат можност да одбијат комесар или да побараат промена на неговиот портфељ а потоа на 22 октомври ЕП треба да одобри именување на целата ЕК.
Така во 2004 година ЕП стави вето на именувањето на италијанскиот комесар Роко Бутиљоне па претседателот Баросо мораше да се ослободи од него поради неговите хомофобни и сексистички изјави.
Годинава проблематични се францускиот и британскиот комесар.
Јункер го назначи социјалистот Пјер Московиси за комесар за економија. Но, германската десница се противи на оваа кандидатура поради тоа што «како министер не направил ништо за почитување на економскиот пакт за стабилност од страна на Франција», велат германските пратеници.
Во левицата во ЕП немаат многу симпатии за британскиот конзеравтивес Џонатан Хил кој е задолжен за финансиските услуги. За парламентарната левица ова именување е «провокација» бидејќи Лондон се бори против било какво регулирање на финансиите.
Сепак најконтроверзниот комесар е Шпанецот Мигуел Ариас Канете кој треба да биде задолжен за енергија и клима. Тој на брзина ги продаде своите акции во нафтената индустрија кога беше именуван за ова место. Групата на зелените во ЕП му испрати писмо на Јункер предупредувајќи го дена Канете се уште има финансиски интереси во оваа индустрија преку неговото семејство. Освен тоа на Канете му се забележуваат сексистички изјави кои ги дал за време на европската изборна кампања.
Лошо може да помине и комесарот од Унгарија Тибор Наврачиш кому е ветен портељот за образование, култура и граѓанство. Тој бил министер за правда во претходната влада на Орбан а во ЕП не се гледа со симпатии на нападите врз човековите права, слободата на печатот и граѓанските слободи со кои Унгарија се соочува.
За Словенката Аленка Братушек ЕП се сомнева дека самата се именувала за комесар непосредно пред да го напушти премиерското место во својата земја.
Можно е ЕП да врачи «црвен картон» на некој од овие комесари. Но можно е исто така да покаже и «жолт картон» за некои од нив барајќи промена на портфељите. Се шпекулира дека Канате и Хил би можеле да ги сменат портфељите и дека на Унгарецот ќ ему се одземе граѓанството.
Пратенците се загрижени за тоа како ќе функционира ЕК. Јункер измисли нова архитектура на структурата на задолженијата. Така во ЕК ќе постојат комесари со вистински портфељи и потпретседатели кои ќе бидат еден вид «супер комесари» кои ќе бидат заолжени за надгледување на приоритетите на ЕУ. Но пратениците сметаат дека во ваквата структура ќе дојде до конфликти особено во економските прашања и тие би можеле да го поткопаат капацитетот на ЕК да ги решава проблемите во вработувањата и инвестициите кои се најважниот приоритет на Јункер.
Австриецот Хан сосема сигурно ќе го помине со добра оценка соочувањето со ЕП. Во претходната ЕК тој беше задолжен за регионалната политика која успешно ја водеше. Според пратенците тој е дискретен но ефикасен политичар. Тие најавуваат дека за време на сослушувањето ќе го испрашуваат за проширувањето но и за соседската политика и особено Украина.