Катица Ќулавкова e книжевен теоретичар, есеист, антологичар, критичар, универзитетски професор, поет и раскажувач, академик – редовен член на МАНУ. Член е и на Европската Академија на науките и уметностите.
Нејзини поетски книги се преведени на повеќе јазици. На англиски, француски, италијански, руски, хрватски, српски, црногорски, романски, бугарски, албански, турски, португалски и на други. Добитник е на бројни престижни домашни и меѓународни награди за поезија, литерарурна критика.
Во МАНУ има изведено неколку научноистражувачки проекти од домашен и меѓународен карактер, меѓу кои „Поимник на книжевната теорија“, „Балканската слика на свет“ (со Полската академија на науките), „Интерпретации“ – Европски истражувачки проект, „Методи на книжевната херменевтика“, „Културните интеграции и стабилноста на Балканот“ (со БАН) и др. Два нејзини проекта се поддржани од УНЕСКО.
Носител е и на највисокото државно признание за животно дело „11 Октомври“.
Со Академик Катица Ќулавкова за јазикот, идентитеот, политиката, грешките, непринципоиелните компромиси, националните трауми, …
Всушност, НОВА со Академик Катица Ќулафккова за „македонското прашање“ денес.
Јазикот македонски, идентитетот воопшто, сугерира НОВА, како да ни се дневно присутни, како да сме на некаков воен национално негаторски фронт, како да се наметнати, на што Академик Ќулавкова вели дека е уште полошо од тоа.
„Штом почне тие да се проблематизираат и, уште полошо од тоа, да се порекнува постоењето на нешто кое објективно и очигледно постои во реалноста, кое е признато од науката, признато од врвните меѓународни институции (Обединетите Нации) и од две третини од постојните држави и нивните дипломатии и закони, тогаш не се работи за наивна ситуација, ни за случајна и невкусна политичка провокација. Понижувачки е некој да ве стави во таква ситуација, злостор е домашни структури да придонесат да дојде до таква ситуација, вели Ќулафкова“.
Денес сме веќе во фаза кога од политичките структури на соседите, меѓународни и европски, овој македонски феномен, т.н. македонско прашање, (дури не се ни нарекува македонско!), да се спушти на ниво на дневен социјален дискурс и говор на омраза, до тој степен се соочуваме со редовно присуство на вулгарни пропагандни реакции ширум социјалните медиуми, вели таа.
„Тој говор на омраза не доаѓа само од страна на соседите, туку се генерира и внатре во самата наша држава, од поединци, но и од политички фактори кои тоа го преточуваат во радикални барања по однос на јазикот, вработувањето и друго. Како последица на тој внатрешен став дојдовме во ситуација државата да се сегментира по етничка основа, партиски, институционално, образовно, јазично … Таквата присутност на политичкиот говор на омраза не може да се игнорира. Од нас се бара да го игнорираме, официјалните структури не се сензибилизирани, а ни инструирани да реагираат билатерално и меѓународно, така што ситуацијата се влошува. Потценувањето на проблемот е рефлексија на таа политика на рамнодушност“.
Ќулавкова тврди дека проблемот со името не е затворен. Дека прашањето не е решено и дека проблемот со јниоот сосед е оставен отворен
„Не е решен проблемот со промената на името, затоа што со Преспанскиот договор не се промени само (1) името на државата, туку се воведе (2) нова историска и идентитетска реалност: името не смееше да биде Република Северна Македонија, и краткото име да биде долго „Северна Македонија“ (на север од Македонија), придружено со забрани и ограничувања на употребата, повреда на слободата на говорот, повреда на колективните и индивидуалните човекови права, повреда на вистината, повреда на историската реалност, диктат над перцепцијата на македонската историја, уметност, култура и т.н. Како да зборувам за македонската книжевност во 19 век? Дали е тоа „северномакедонска“ книжевност? Дали Кочо Рацин е „северномакедонски“ писател? Дали воведовме еден длабок дисконтинуитет меѓу современата реалност, народ и култура и историската? Јас одбивам да бидам „северномакедонски“ писател. Мојот јазик е македонски, моето книжевно дело излегува од границите на Македонија иако ја претставува македонската култура“.
По однос на новата идентитетска реалност, како што вели Ќулавкова, добивме проблематична дефиниција и локација на македонскиот народ просторно и хронолошки, историски и културно.
„Едниот народ во Северна Македонија со лимитирани историски права на самоидентификација според сопствената научна, историска и политичка перцепција и аргументација, туѓа на наследената колективна меморија и на наследеното културно, археолошко, фолклорно, јазично наследство, и второ, македонски народ во Грција со сериозни импликации на сите Грци (по Устав) да се идентификуваат како вистински грчки антички и современи Македонци, без додавки, суверено, од поединци и арогантно … Преговорите се претворија во договор за идентитетот на Македонците и тоа воопшто не е наивно. Ваквата ситуација е трауматична за Македонците, тоа допрва треба да биде предмет на проучување. Македонската современа траума е повод за многу други последици, популациски. Македонците мигрираат меѓу другото и поради повеќекратната дискриминација што ја доживуваат со децении“.
Академик Ќулафкова лоцира дека привремениот назив ФИРОМ ја претставува првата фаза од најновата/современата дискриминација на Македонците и нивното право сами да одлучуваат за својот идентитет, своето име, држава и национални обележја.
„Тоа беше фазата на новата проблематизација по распадот на Југословенската федерација и обид да се осуети формирањето на суверена македонска нација во независната Република Македонија. Сега сме во фаза продлабочена негација на македонскиот идентитет со импликации по стабилноста на македонската нација и ефикасноста на нашите државни институции. Длабоко навлегуваме во фаза на национално раслојување врз етнички начела.
Инаку, самиот факт дека со Устав се оградивме од суверените права што ги има секоја нормална стабилна нација и држава да се грижиме за правата на македонското малцинство вон границите на нашата држава говори дека современата македонска нација не е поставена врз вообичаени теориски, политички и уставни премиси, права и должности. Тоа допрва ќе доведува до амбивалентни и проблематични решенија и состојби“.
При осамостојувањето, заклучува Македонија требаше само да го верифицира и да го продолжи своето признаено постоење како посебна политичка единица (идентитет) во ОН од 1945 како што направија други делови на бившата федерација. Поради сето ова, не сметам дека се работи за времени и случајни постапки, одлуки и грешки, туку за промислена стратегија со извесна специфична меѓународна патронажа, заклучува академичката.
„Ниту еден наратив за евроатланска интеграција на македонската држава не може да ги надомести суштествените, фундаментални загуби што ги претрпевме. Самиот факт дека допуштивме да бидеме под притисок за прашања кои се темел на сувереноста и кои им се гарантирани на сите „нормални“ нации, прашања кои не смеат да бидат предмет на ексклузивни договори и предмет на било каква негација и повреда, говори дека ја доведовме во прашање сувереноста на македонската нација/држава.
Но, да се надеваме дека не сум во право! Не зборувам заради патриотизам уште помалку националистички, зборувам поради совеста и свеста што ја имам за феноменот нација, држава, сувереност, од една страна, и од друга – Македонија, македонски народ, и се’ друго со предзнакот македонски …“.
Не сум рамнодушна кога гледам како не се обединивме национално околу едно суштествено прашање, околу еден фактор на нацијата: јазикот, симболите, демократијата, чувството на припадност, волјата да градиме заеднички дом с име македонска нација, вели Ќулафкова.
„Се препелкаме во грчот на етничките фрагментации, феномен популарно познат и како балканизација или, историски, се претвораме во „јаболко на раздорот“. Да заклучам, отворањето на името беше само тригер да се отвори „Пандорината кутија“. Ниската политичка култура и етнократијата што ја инсталиравме како култна вредност на нашата современа реалност доведе до тоа да го величиме ефемерното, да го омаловажиме суштинското“.
На прашањето на НОВА дека во своите јавни нбастапи често се доближува до политички теми и дали освен творечки уметнички пориви во неа тлееле и одредени политички, таа вели дека воопшто немала никакви политички амбиции.
„Јас сум поет, писател и теоретичар, човек кој има високи идеали и духовни доблести, човекољубец, вљубена во македонските и медитеранските простори, за никаква ефемерна придобивка не би отстапила од тој свој животен пат. Сум го осмислила своето постоење сама и не ми требаат функции ни институции да ми пополнуваат празнини на смислата. Само би сакала да живеам во поблагопријатен социјален амбиент, со посреќни и подостоинствени луѓе околу мене. Многу се озлобија луѓето, се ситат и ликуваат над туѓата несреќа, тоа ме загрижува. Несреќата не доаѓа сама. Со цела свита иде. Би сакала да биде како во најубавите времиња кога живеевме во слобода.
Според мене, политиката треба да биде невидлива на дневна основа, да биде толку ефикасна и хумана, што да не го окупира целиот јавен и медиумски простор. Треба да се гледаат нејзините резултати, а не празните ветувања. Инаку, уште од Аристотел, главна одлика на политичкиот говор (беседништво, говорништво) е токму тоа да ветува светла иднина, без оглед на тоа дали ќе ја оствари. Најчесто не ја остварува. Бегам од токсични луѓе и ситуации, од секојдневни дневнопартиски полемики од најнизок вид. Лишеноста од хармонија, визија и од виша цел е основниот недостаток на политичките субјекти, општо земено. Не само кај нас, во регионот секако“, вели Академик Катица Ќулафкова за НОВА тв.мк.




