НОВА ја има честа премиерно да ги објави девете најнови поетски остварувања на Јовица Ивановски.Автор е на 10 збирки поезија. На пат е единаесетата. Некои од неговите песни наскоро ќе бидат и музички интерпретирани.
Некогаш, одамна
Губење време, шуткање,
одење во празно, бесцелно.
Никој не те чека, никаде не брзаш.
Сончеви очила на клупа во сенка.
Стоиш пред излози небаре и ти си
изложен.
Стокмен и спокоен.
Со книга под мишка и со цигара во уста,
потпрен на аголот, неминлив во пасажот.
И денот е ко тебе, бавен и прикладен.
Ветерот дува во сонцето (да остине)
пред планината да го загризе
со својот острозаб врв.
Квечерината е опуштена, надувана.
Ене ја и Деница, не и треба темница
за да заблеска.
Седиш на клупата пред небескиот кеј
a нејзините другарки, една по една
се палат заедно со сијалиците во
домовите.
Не бараш ѕвезда за своето име,
ниту пак читаш од мудрото небо.
Крснозе, со раширени раце,
денгубиш
додека вечерта, бавно и сигурно,
заминува далеку во ноќта.
09.01.2013
Ноќта ржи низ заби
Тркалата се тркалаат во ноќта.
Сирената на амбулантната кола
не свири пред куќата на болниот.
Пијани тинејџери бомбардираат
контејнери.
Дуќаните се украсени со решетки,
синџири и катанци.
Мрачните пивници се недопиен Гинис
во брендирана кригла.
Неонките рекламираат светлина.
Сијалиците ловат темнина
(ја ретчат и ја сушат),
но онаму каде што не гостува
господинот Ват, ноќта е разлеан
тонер, мастило на октопод во опасност,
црнина на тело на ненасмеан црнец…
Гласен воз во далечина (веројатно)
ја напушта осветлената станица.
Исончана бринета се разминува со
црн англиски пес.
Ноќта е затнат тунел и расипан бордел,
земуница над улица, несоница во самица…
Ноќта лае на Месечината, мјаука
на покриви, силува во ќорсокаци.
Ноќта е наjстарата вампирка
и бега од сонцето како
врколак од сребрен
куршум.
21.01.2013
*
Ноќен пукот,
неговиот екот
е лаежот на песот.
Чистачот ветер
Ветерот дува погледи,
прав во очи и сукњи до гаќи.
Летаат жолти листови од весници
со лаги напишани од послушници.
Празните кеси се лесен плен за
ветрот-пробисвет (тој ниту купува,
ниту продава – само посредува).
Посебен однос има кон отпушоците –
ветерот е првиот и последен дувач
во оркестарот на елементарни непогоди.
Фризурите на девојките (палави прамени
и лелеави локни) се азер за на фризер.
Исчашени гранки и рѓосани листови –
внимавајте, некој може да се повреди!
За среќа или несреќа, не живееме покрај
океан каде ветриштата кубат покриви и
откорнуваат секвои.
Разгалени сме ние во таа смисла.
Сеедно, тој дува колку што може
и од време на време умее да ги раздува
чадот, смогот, издувните гасови и сите
штетни елементи во воздухот.
Ах, кога би можел да ги раздува и лагите,
неправдите, крадците, манипулаторите…
Но ним ни Ураганот Катарина ништо
не им може,
а камо ли умерениот вардарец
и сувиот, топол југо.
30.01.2013
Можеби е во право, не велам не
Мојата сопруга постојано ме прекорува
дека сум се дружел само со изарчени.
(Во таа категорија ги вклучува сите
мои порочни пријатели: изгубени,
полу-успешни, пропаднати, па дури и
некои етаблирани уметници.)
Вистина е тоа, не велам не.
Но со кого да се дружам?
Со новите тајкуни или
со најновите дворски уметници?
Сè уште се дружам со моите стари другари
кои се онакви какви што ги дал господ
и токму такви и си ги сакам.
Е, она мисли дека тука грешам,
дека ми треба нова енергија, позитивна,
од нерасипани млади луѓе кои зрачат.
Можеби е во право, не велам не.
Но за тоа треба да сменам сè:
кафеаната со кафуле,
мелодијата со ритам,
стилот на облекување,
начинот на размислување,
целото мое опкружување,
вклучувајќи ја и неа.
Јас сум само човек
Покрај мене минуваат луѓе,
пешачам и се разминувам со нив.
Луѓе ко луѓе, ги има секакви,
но сè на сè, тоа се само луѓе.
Родени некаде, израснати секаде,
забегани во потрага по подобра иднина.
Стојат на црвено, се залетуваат на зелено,
запираат пред излози, влегуваат во меани…
Сеедно, гледам пред мене, а пред мене ко
да гледам во себе:
сјајот во очите угасен во некои светли сеќавања,
насмевките засолнети во џебовите на лицaтa.
Секој со своето, јас со моето – си велам
додека оставам храна во фрижидерот
пред контејнерот.
(Секој со своите отпадоци, само да не се
нагласени како еполети на бездомници).
Луѓе, јас сум само човек, незабележлив
а потребен, излишен а неминовен.
Човек.
Во вашето патење немам удел
но не патам помалку од вас.
Би ви помогнал доколку сте во неволја
и утредента би ве заборавил.
Јас сум човекољубец кој сака гулаби,
јас сум сообраќаец на крстосница
и нема да ве казнам само доколу
минете на виолетово.
08.01.2013
Лага на шампиони
И’ се продолжија нозете на лагата.
Сега е долгонога манекенка која
чекори по писта како исправена глиста.
Некое момче од Прилеп го викале Лагата
зашто имал кратки нозе – крајно време
е да почнат да го викаат Вистината.
Да, сега вистината е џуџе,
а лагата, лагата киклопира
и кај и да е ќе почне да ја забива
со две раце од позади.
Лагата е Енбиеј кошаркарка
во градинка.
Клучари аматери
Оние што од џеб вадат грст клучеви
прикачени на мал обичен приврзок –
небаре клучари во стари затвори,
што ли отвораат со нив?
Зoшто, нели, за секој клуч
би требало да постои брава.
Можеби се бравари или магационери,
рентаат станови или пак сите
соби ги држат заклучени.
Толку клучеви во џеб од фармерки
а излегол на кафе, по куси ракави.
Од кај да знае, можеби ненадејно
ќе мора да тркне до викендичка
или пак до гајба со швалерка.
Ама пак, многу се. Не може човек
да ги доброи.
И од кај знае кој што му отвора?
Сигурно некако ги бележи и гарант
не конзумира алкохол.
Всушност, што па јас толку го мислам,
ако сака уште толку нека си прикачи.
Веројатно ми е чудно зашто јас
и оние три што ги имам
никогаш од прва не можам
да ги погодам.
А некогаш ни од стота.
14.11.2012
Срце
Чукаш како камбана
или штурчиш ко бебе.
Се залетуваш како спринтер
или си желка на калдрма.
Знам да те обеспокојам,
да ти го сменам ритамот,
да те извадам од колосек.
Ефектен афект,
пиење до сопињање,
никотин ко за цел тим…
Не гледам хорор филмови
зашто велат дека стравот
ти го крати векот.
А кој не се плаши.
Неизвесна работа, ненадеен стрес,
евтин живот, смрт на близок,
дебела храна и болна диета,
џиновски џоинт и џебен секс…
Баскет кога не сум ни за билијард,
џогирање покрај полни клупи –
каде бе глупи!?
Голем работник си ти.
Ти благодарам од сè срце
што сè уште ми ја поткрепуваш
идејата за бесмртност.
Чукај и понатаму
камбанеријо моја,
што ја слуша само мојата сакана
во моментите кога сме споени
и имаме две срца
и не знаеме кое е чиe.
22.11.2012
Роден 1961 год. во Скопје. Автор на книгите: Зошто мене ваков џигер (1995), Градот е полн со тебе (1997), Чуден некој сончев ден (1999), Три напред три назад (2004), Двоен албум, двокнига составена од книгите: Сладолед во недоглед и Во сенката на билбордот (2005), Стремеж за дремеж (2007), Ветер и магла (2009), Со сламка во уста (2011), Open the window and let the city breathe a littl, избор на англиски јазик (2002), Избрани песни, избор на македонски и англиски (2002), Деновиве, ако не и утре, избор на македонски и англиски (2009). Препеан е на десетина јазици.Сè уште живее и работи во Скопје.