Законите најдобро се спроведуваат ако во општеството – кај граѓаните, е воспоставен систем на култура и почитување на редот и поредокот востановен со нормативната регулатива содржана во нив и, се разбира, во Уставот како хиерархиски највисок нормативен акт. Ако ја нема таа култура и ако е присутна општа толеранција кон прекршувањето на законите, ни најдобрите закони не помагаат многу за постигнување на поставените цели на системот кој се регулира со нив.
Темелко Ристески
Ги слушам надлежните министри како со еуфорија зборуваат дека со новите закони во областа на високото образование ќе се решат актуелните проблеми во него; дека конечно некој од нашите универзитети ќе се најде меѓу првите илјада на Шангајската листа; дека со Законот за високи раководни службеници ќе тргне на подобро работата во администрацијата или поконкретно; дека ќе се подигне на повисок степен одговорноста на високите раководители; дека ќе се подобри квалитетот на работата; дека ќе се зголеми ефикасноста на работењето на институциите и т.н.
Добро е – нов закон нови правила на однесување на субјектите во општествените односи. Но, тие субјекти се луѓе кои ќе ги спроведуваат правилата. Дали со новите закони ќе се обезбедат нови луѓе: постручни, поодговорни, поефикасни во работењето? Како што стојат работите, сигурно не.
Проблемите во општеството не се решаваат само со нови закони. Законите се неопходна нормативна рамка, но без стручни, одговорни и со интегритет носители на јавни функции тие редовно остануваат само „мртво слово на хартија.“
Законите поставуваат правила, но не гарантираат резултати. Добро напишан закон може да биде јасен, праведен и модерен, но ако тој не се спроведува доследно неговото влијание на општествените односи е ограничено или го нема.
Стручноста и одговорноста на носителите на јавни функции пТемелко Ристески
одразбираат правилно толкување на законите, еднаква примена на сите граѓани и отпорност на притисоци и корупција. Без овие квалитети и најдобрите закони нема да ги дадат посакуваните резултати.
Понатаму, за спроведување на законите, покрај луѓето, потребни се добро поставени, организирани и силни институции на системот: со јасни процедури, контрола и надзор, транспарентност и воспоставен цврст систем на одговорност за незаконско, неквалитетно и неефикасно работење.
Најпосле, законите најдобро се спроведуваат ако во општеството – кај граѓаните, е воспоставен систем на култура и почитување на редот и поредокот востановен со нормативната регулатива содржана во нив и, се разбира, во Уставот како хиерархиски највисок нормативен акт. Ако ја нема таа култура и ако е присутна општа толеранција кон прекршувањето на законите, ни најдобрите закони не помагаат многу за постигнување на поставените цели на системот кој се регулира со нив.
Најдобри резултати се постигнуваат во услови на воспоставена рамнотежа меѓу квалитетни закони, стручни и чесни луѓе што ги спроведуваат законите, силни институции со воспоставен цврст систем на контрола на работењето и општествено активни граѓани, со висок степен на култура на почитување на законите и кои бараат отчетност од институциите за нивното работење.
Само со донесување на закони, без другите фактори на ефикасноста на општествената регулација во чија основа се наоѓаат луѓето, како непосредни спроведувачи и почитувачи на нормативната регулатива содржана во законите, се ствара привид на напредок, a напредок всушност нема.
Од Фејсбук ѕидот на авторот




