Како ли се чувствува докторката од болницата „8 Септември“ која наместо да и го отстрани карциномот, дебелото црево и го зашила за вагината на пациентката. Онака прашувам.
Станува збор за млада жена која три години ја плаќа цената на една таква неприфатлива и небулозна лекарска грешка. Дали во меѓувреме лекарката помисли низ што поминува оваа млада жена на која откако и беше откриена грешката и следуваа уште четири тешки операции, многу хемотерапии и зрачења.
Како ја погледна во очи? Дали и се извини? Почувствува ли грижа на совест? Дали се срами што нејзиниот оперативен зафат и постоперативното следење се запишани во историјата на македонската и светската медицина под „ лекарска грешка за која не постои оправдување“?
Приказната оди вака. Бидејќи македонското здравство е такво какво што е, за снимање на дебелото црево преку „Мој термин“оваа тешко болна жена требало да чека цели пет месеци, од август до декември 2013 година.
За побргу да добие медицинска грижа и да се снима, да го избегнат„Мој термин“ таа била хоспитализирана во болницата. Се покажало дека болките и тегобите не се безазлени, лекарите дијагностицирале рак на дебелото црево. Но, докторката која ја оперирала според кажување на хирурзите од Клиничкиот центар кои подоцна ја исправаа грешката, направила невиден хаос во стомакот на жената.
Иако пациентката веднаш по операцијата се пожалила дека столицата наместо преку дебелото црево излегува преку вагината, докторката ја убедувала дека така треба да биде бидејќи ја оперирала по нова метода наречена „Диксон“. Во отпусното писмо пишува дека постоперативниот тек е добар и ја отпушта дома во општа добра состојба.
Цели четири месеци живеела така младата жена убедувана дека е оперирана по нова метода, се до моментот кога на Клиниката за онкологија каде што отишла на зрачење се посомневале и веднаш ја препратиле на Клиниката за дигестивна хирургија. Таму с е открило се’, по што следувале четири тешки операции. Но докторката од „8 Септември“ не ја оперирала сама пациентката.
Новата метода, за која на скопските клиники хирурзите велат дека се работи веќе 27 години, ја направила под супервизија на американски едукатор кој беше дел од тимот на лекари што во државата ги донесе министерот за здравство Никола Тодоров.
Немаше да знаеме за нивната мисија во Македонија, се додека американскиот верски магазин “Фејт“ не обелодени дека овие доктори не само што се дојдени да ги обучуваат македонските лекари туку и верски да проповедаат и на нивните колеги да им го приближат „Евангелието“.
Нивниот духовен водач Енди Сандерс тогаш изјави дека досега работеле во многу земји и виделе многу здравствени системи, но не на ваков начин како во Македонија.
„Она што министерот Тодоров го почна тука е навистина нешто многу уникатно и единствено“, рече тогаш Сандерс. И навистина е уникатно. Ја оперираа жената по нова, само на нив позната метода. И ја зашија вагината за дебелото црево. И направија каша-попара во стомакот. Не е за зборување, жално е. И никој ништо да не стори во меѓувреме некако да и помогне, да и ги олесни маките. Никој да не одговара! Никој од надлежните во здравството!
Овој случај го отвора прашањето има ли воопшто податоци како работеле странските едукатори при престојот во Македонија? Што сработиле? Кои се ефектите од нивниот престој тука? На што ги научиле македонските лекари? Евидентирани ли се пропусти во лекувањето? Нема отчет за тоа.
Колку за илустрација, само јас знам за еден случај од мојата поблиска околина кога странски едукатор направил грешка при оперативниот зафат во еднонеделниот престој на една скопска клиника. И никому ништо! Зошто ресорниот министер не понесе одговорност за случајот со пациентката која уште се бори за живот? Не само што немаше доблест да и се извини, да ја прими и сослуша, туку во Министерството не сакале да и помогнат побрзо да се снима на ПЕТ скен, ниту пак, Фондот за здравство да го покрие снимањето финансиски. Сама од свој џеб платила 70 000 денари во приватна болница. И сега за апсурдот да биде поголем болницата не сака да плати оштета.
Не сака ниту докторката, која по брза постапка е осудена на алтернативна мерка, условна казна од три месеца затвор која ќе се активира во случај да направи кривично дело во наредните две години. Каква небулоза!
Во меѓувреме бидејќи на пациентката и претстои нова битка, операција во друга држава,таа е изложена на нов трошок. Адвокатите од двете страни се договориле спогодбено да и бидат исплатени 30 000 евра оштета, ама парите не може да ги добие.
Ниту докторката ниту болницата не сакаат да платат 10 000 евра бидејќи осигурувањето покрива само 20 000 евра од оштетата. Жената е во тешка здравствена состојба. Болеста се раширила. Време нема. А, тие се натегаат.
Навистина не сакам да бидам во кожата на докторката од болницата „8 Септември“. Но, кога не дај боже, би била, ако ги немам парите, веднаш би земала кредит од 10 000 евра да и ги исплатам на оштетената пациентка. Не за да си ја исплакнам совеста. Само малку да и се ублажи страдањето. Зашто таа нема време за чекање.
Нејзиното време и здравје се потрошија на операции во обид да се исправи грешката од „новата метода“ на странските едукатори на Тодоров, во реализација на македонска докторката. Случај без преседан! Во исто време болно и вистиното.