Националната агенција за безбедност на САД (НСА) и ФБИ имаат достап до серверите на девет американски интернет гиганти, меѓу кои се Мајкрософт, Јаху, Гугл и Фејсбук, каде ги следат активностите на странски државјани, открија весниците „Вашингтон пост“ и „Гардиjан“.
Pоранешен службеник на разузнавањето им дал документи на весникот „Вашингтон пост“ во кои се опишува партнерството меѓу НСА и интернет компаниите.
Тајната програма, со кодно име PRISM, е активна од 2007 година и на НСА и дозволува преку свој портал да се логира на серверите на компаниите, за да собира информации за корисниците за кои има „разумни наводи“ да смета дека се странци.
Законот во САД ги штити американските државјани од следење без судска наредба, но лицата надвор од територијата на земјата не располагаат со ваква заштита и може да бидат шпионирани сосема законски.
Како што објаваува „Вашингтон пост“, аналитичарите кои го користат системот преку интернет портал во воената база Форт Мид, во близина на Вашингтон, треба да користат клучни зборови во пребарувачот за да има веројатност од над 51 процент дека следеното лице е странец.
Во системот, според медиумите, исто така учествуваат и Скајп, ЕОЛ, ЈуТјуб, Епл и ПалТок.