Општинската организација на НСДП од Битола вечерва побара Владимир Талевски веднаш да си поднесе неотповиклива оставка од функцијата градоначалник, за да не биде Битола негов заложник, а интересите на граѓаните да не бидат во заложништво на лукративните и сомнителни интереси на локалните моќници.
„По објавените разговори помеѓу сега веќе бившите министри Гордана Јанкуловска и Зоран Ставрески кои го открија и вистинското лице на градоначалникот на Битола, Владимир Талески, епитетите „криминалец, неспособен, глумец, приучен, блефер“ кои му ги додели вицепремирот Ставрески на јавноста само и посочија кој профил на човек раководи со една од најголемите општини во Република Македонија и чии интереси задоволува од градоначалничката функција“, соопшти НСДП.
НСДП од Битола, стои понатаму во соопштението, сметаше и смета дека овие разговори фрлаат сериозни сомнежи за криминални и нелегални активности на Талевски.
Кривичниот суд во Скопје минатиот петок одреди казна куќен притвор за Талевски, кој е еден од осомничените во случајот Транспортер на СЈО, во кој 22 лица се товарат за незаконски тендери за транспорт на учениците од училиштата во регионот на Битола.

