Американскиот претседател Барак Обама им се извини на милионите граѓани на САД кои останаа без здравствено осигурување во рамките на неговата реформа „Обамакер“.
Под притисок на медиумите, кои секојдневно известуваат за болни граѓани кои останале без здравствена заштита, но и од конгресмени од неговата Демократска партија кои се соочуваат со притисок на гласачите, Обама го понуди првото извинување поради „Обамакер“.
– Се извинувам што се најдовте во оваа ситуација, поради гаранциите кои јас ги дадов, изјави синоќа Обама во интервју за телевизијата Ен-Би-Си.
Пред изгласувањето на законот „Обамакер“, во 2010 година, но и многупати потоа, Обама ветуваше дека сите граѓани кои веќе имаат здравствено осигурување и се задоволни со пакетот што го имаат, нема да бидат негативно погодени од законот.
Но, поради повисоките стандарди кои „Обамакер“ ги бара од осигурителните компании, околу 4,5 милиони полиси беа прогласени за неважечки на 1 октомври, кога „Обамакер“ стапи во сила.