За над четири илјади компании во земјава кои вработуваат 36.802 лица до сега обезбедени се 44,1 милион евра ликвидни средства преку механизмите Ковид 1,2, и 3 од Развојна Банка, соопшти кабинетот на вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи.
Според информациите во соопштението оваа финансиска поддршка значително им помогна на компаниите да ја одржат својата ликвидност во кризата предизвикана од коронавирусот Ковид-19, кредитите се со каматна стапка од 0 проценти и грејс период до 6 или 12 месеци, кој за Ковид 1 дополнително се продолжи за три месеци.
До Владата, посочуваат, е доставен Извештај за исцрпеноста на бескаматната кредитна линија Ковид 3, од која се овозможени заеми на 2.703 трговци-поединци и микро и мали компании, кои вработуваат вкупно 19.031 лица.
Вкупниот износ на одобрени заеми изнесува 30,6 милиони евра. На повикот се пристигнати 3.282 кредитни барања од кои се разгледани 97 отсто. Од нив, се одобрени 2.703, додека за 489 кредитни барања е утврдено дека не исполнуваат најмалку еден од условите од Јавниот повик.