Ацо Милчев, член на Избирачки одбор, вели утрово околу 7:30 часот во селото Смоларе во Ново Село, бил сведок на поткуп при гласањето.
Тој интервенирал за да го спречи тоа, и вели откако не успеал бил физички нападнат, а потоа побарал лекарска помош во струмичката болница.
– Ме фати за вратот, ме турна силно во ѕидот, при што претрпев големи болки. Јас сум инвалид со четири бајпаса, претрпено четири инфаркти. Ништо не одговорив. Ако не дојдеше полицаецот, кој беше таму за едно дваесет секунди за да го фати, тој јавно пред него ми се закануваше дека ќе ме уништи да не смеам практично да живеам во тоа село, изјави Милчев.
Добил закани дека ќе биде ликвидиран.
Милчев дополнува дека иако бил обвинет дека работел за СДСМ, тој само се обидувал според правилникот, да придонесе за демократска атмосфера при гласањето во Смоларе.