Американскиот Стејт Департмент го објави глобалниот извештај за состојбата со човековите права во речиси 200 земји од светот вклучително и за Република Северна Македонија.Во општата оценка стои и оценката за парламентарните избори во 2020 година од Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ дека изборите „генерално биле спроведени ефективно во услови на прилагодувања како одговор на пандемијата COVID-19. но правната стабилност беше поткопана со суштинските ревизии на изборниот законик и последователните ад хок регулативи донесени за време на вонредната состојба“. Извештајот ги окарактеризира изборите како „вистински конкурентни“ и покрај ограничената способност на политичарите да спроведат достапност за време на пандемијата, се наведува во генералната оценка на извештајот.
Полицијата ја одржува внатрешната безбедност, вклучително миграцијата и безбедноста на границите. Цивилните власти одржуваа ефективна контрола над безбедносните сили, се наведува во општата оценка на извештајот на Стејт Департментот за состојбата со човековите права во Северна Македонија во 2021 година.
Значајните прашања за човековите права вклучуваат веродостојни извештаи за: лоши услови и голема пренатрупаност во некои затворски одделенија; закани врз новинари; недостаток на одговорност за родово и семејно насилство; и за злосторства кои вклучуваат насилство и закани за насилство насочени кон лезбејки, геј, бисексуалци, трансродови, квир или интерсексуални лица, нотира извештајот.
Владата презеде чекори за идентификување, истрага, кривично гонење и казнување на функционерите кои извршиле злоупотреба или учествувале во корупција. Народниот правобранител веруваше дека полициската неказнивост и понатаму е проблем, но во помала мера отколку во минатото, стои во генералната оценка за состојбата со човековите права во земјава за 2021 година.
Извештајот утврдил, врз основа на информации од Единицата за професионални стандарди (ЕСС) при МВР, дека „во првите 7 месеци од 2021 година постапила по 38 пријави кои се однесуваат на употреба на прекумерна сила од страна на полициски службеници. Одделението оцени дека 6 од жалбите се неосновани, отфрли 30 поради недоволни докази, а две потврди. За овие два случаја поднесени се кривични пријави против двајца полициски службеници за „малтретирање при вршење на должност“.
Што се однесува до состојбата во затворите „на тапет“ е ставен затворот Идризово во кој е сместена 45 отсто од затворската популација во земјава а тој „ продолжи да работи со единици кои беа дотраени, сериозно пренатрупани и со изложеност на некои затвореници на нехумани и понижувачки услови. Распространетата корупција на затворскиот персонал беше значаен проблем во затворскиот систем“ наведува извештајот, кој ги опишува и физичките услови нотирани во рапортот од ад хок посетата на земјата во декември 2020 година,на Комитетот за спречување на тортура на Советот на Европа (CPT) кој објави дека, „ иако условите на притвор биле општо прифатливи во новите отворени и полуотворени одделенија во затворот Идризово во двокатната секција, затворската амбуланта како и останатите келии продолжиле да работат во услови на сиромаштво, расипаност и пренатрупаност, слабо загреани и влажни, распаднати ѕидови, скршени прозорски рамки и мебел, опасни импровизирани електрични инсталации, дупки на подот и таванот и бедна хигиена наезда од штетници, купишта несобрано ѓубре во ќелиите и пенетрација на вода. Комуналните санитарни јазли беа во лоша состојба со тоалетите на првиот кат кои испуштаа смрдеа и беа покриени со фекалии, чешми што капеа и инсталации за вода, поплавен под и без функционално вештачко осветлување“, стои во извештајот.
За слободата на изразување вклучително и на претставниците на медиумите, извештајот на Стејт Департментот пренесува став на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), дека сепак, одговорот на органите на прогонот и на судските органи на случаите на насилство од трето лице и заплашување на новинари бил бавен и неефикасен.
Заклучно со 20 септември, Скопското јавно обвинителство разгледало 17 кривични пријави за закани и физички или онлајн напади врз новинари. Обвинителите утврдија дека три од тие претставки заслужуваат дополнителни обвинителски истраги, а три се упатени до Министерството за внатрешни работи поради квалификување како прекршоци. Останатите 11 не заслужуваат обвинителска проверка поради недостиг на докази кои докажуваат криминално однесување, стои во извештајот на Стејт Департментот. Поединци може јавно или приватно да ја критикуваат владата.
Советот за етика во медиумите продолжи да работи на унапредување на саморегулацијата. Заклучно со 25 август, Советот примил 95 поплаки за неетичко известување и лажни вести, што е за 10 отсто помало од бројот примени во истиот период во 2020 година.
Извештајот ја третира и корупцијата. Делот 4 оди со наднасловот Корупција и недостаток на транспарентност во владата.
Законот предвидува кривични казни за осудени за корупција од страна на службеници. Владата генерално го спроведуваше законот, но имаше извештаи за функционери вклучени во корупција. Невладините организации изјавија дека доминантната улога на владата во економијата создава можности за корупција. Претседателката на Комисијата за борба против корупција и судир на интереси (ДКСК), Билјана Ивановска изјави дека и покрај зголемената перцепција за корупција во судството, само 20 отсто од претставките поднесени до ДКСК го вклучи судството, што укажува на јаз меѓу перцепцијата и искуството, наведува, меѓу другото Извештајот за состојбата со човековите права на американскиот Стејт Департмент за 2021 година во Северна Македонија.
(М. Трпческа)
(М. Трпческа)