Комесарот за проширување Јоханес Хан преку Твитер извести дека извештајот за напредок за земјите од Западен Балкан и Турција ќе бидат објавени наскоро.
“Нашите извештаи за проширување, кои ќе бидат објавени наскоро, ќе и дозволат на јавноста, граѓанското општество и медиумите да го следат напредокот и потребните акции. Ќе бидеме многу јасни во нашата проценка”, напиша Хан на Твитер.
Во меѓувреме презентирањето на извештаите е најавено на сајтот на Европскиот парламент (ЕП). Според распоредот на ЕП, предвидено е комесарот Хан да им го презентира извештајот на пратениците членови на Комисијата за надворешни работи.
Извор во ЕК тврди дека извештаите се влезени во “процедура на молчење”. Извештаите се подготвени и доколку ниту еден 27те комесари и претседателот Жан-Клод Јункер не излезат со забелешки, тоа ќе значи дека ЕК дава зелено светло за објавување во понеделник.
Одложениот датум за објавување на извештаите досега не беше официјално соопштен. Минатата недела стаса неофицијална вест дека објавата ќе се случи утре, на 5 ноември, но очигледно е дека одложувањето продолжува. Најверојатно до другата седмица.
Според изворите на НОВА, ситуацијата во Македонија не е причина за ова одложување. Причината е Турција и турското однесување во бегалската криза.
Извештајот за Турција е полн со критики за авторитарното владеење на Ердоган па Анкара побарала од Европската комисија (ЕК) да не го објавува до 1 ноември кога се одржаа изборите во оваа земја.
Овој датум помина но извештајот се уште го нема. Комесарите од ЕК не успеваат да дојдат до договор како да се критикува Турција за демократските проблеми но истовремено како да не се налути Турција околу бегалската криза.
Анкара побара од ЕУ 3 милијарди евра, деблокирање на преговорите за членство и слободен визен режим. И помалку критики во извештајот.
Со оглед на тоа што Турција и е неопходна на ЕУ за менаџирање на оваа криза која допрва ќе зема замав, очигледно е дека европските политичари кои го пишуваат извештајот имаат сериозен проблем: како да ја критикуваат Турција а да не ја налутат?
Извештајот ќе даде одговор на ова прашање.

