Претставничката за медиуми на ОБСЕ, Дуња Мијатовиќ, денес го осуди продолжувањето на притворот на новинарот Кежаровски.
„Недозволиво е новинар да биде зад решетки поради неговите известувања. Јас веќе интервенирав за овој случај два пати минатиот месец. Денес сум особено алармирана дека судот го продолжил неговиот притвор за нови 30 дена“, изјави Мијатовиќ.
Пред три дена, Кежаровски започна штрајк со глад во знак на протест. Се верува дека е во лоша психичка и физичка состојба.
„Ги повикувам властите да ги слушнат барањата на општеството и апелирам до Кежаровски да го прекине својот штрајк“, дополнува Мијатовиќ.
Според последната одлука на Кривичниот суд, притворот на новинарот е продолжен за нови 30 дена. Тој веќе 60 дена помина во притвор од неговото апсење на 28 мај.
„Уште еднаш ја нагласувам важноста да им се дозволи на новинарите да истражуваат во име на јавноста, ослободени од закани и без присилувања да ги откријат своите извори. Ги повикувам властите во Скопје да размислат за ова сериозно и брзо. Продолжението на притворот на Кежаровски веќе доволно ја загрози слободата на медиумите во земјата“, заклучува Мијатовиќ.