Висока делегација на ОБСЕ предводена од Амбасадорот Ралф Брет, денеска беше примена од градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски.
„Преставниците на ОБСЕ се добро запознаени со случувањата околу општина Центар, за притисоците кои се вршат врз Општината, за секојдневните инспекции и казни.
– Како што самите посочија на средбата, запознаени се со реалната слика, особено со однесувањето на полицијата за време на протестот кој што беше организиран пред Општината, за вандализмот, во што и лично се увери Амбасадорот Брет и за демолирањето на просториите на Советот на општина Центар“, се вели во соопштението од општина Центар.
„Исто така, ОБСЕ го информираше градоначалникот Жерновски дека за овие прашања разговарале со Министерот за внатрешни работи Гордана Јанкуловска и јасно ги изразија своите ставови и гледишта за настаните.
На средбата стана збор и за случувањата на локалните избори, за можноста за предвремени парламентарни избори. Претставниците на ОБСЕ се интересираа за тоа каква е состојбата во опозицијата и дали ЛДП, каде што е лидер Градоначалникот на општина Центар, ќе ја продолжи соработката во коалицијата“, пишува во соопштението од општината.
Во видеото проследете го разговорот на Брет со Жерновски на 7 јуни, денот кога започнаа протестите против носењето на новиот ДУП во општина Центар.