Единствениот збор со кој можам да го сумирам последното интервју на екс-премиерот Груевски е: Очај. Не знам дали е свесен колку очајно изгледаше неговиот последен обид да објасни дека на крај, после десет години неприкосновена власт, ќе мора да оди во опозиција. Толку очајно изгледаше тоа што на крај сфатив зошто најновата владина организација која сака да се претстави како граѓанско здружение се промовираше под акронимот СОС.
Пишува: Беса Арифи, Вонреден професор во Универзитетот на Југо-Источна Европа
Да, тоа беше сигнал на очајничкиот повик за спасување на Груевски, кој сега веќе се труди да најде “достоинствен” пат кој ќе го носи во опозиција, трудејќи се, притоа, да биде запаметен не како обвинет, кој цели години ја минираше работата на единствената институција која треба да ги докаже наводите за неговиот криминал, туку како голем патриот, кој (барем јавно) не ја прифати платформата на албанските партии која ја нарече “туѓа платформа” напишана во други држави па остана уште и да кажеше дека истата е напишана за туѓи бели дробови во оваа време на екстремно и сеопфатно загадување.
Интересен е тој пат на Груевски кон одењето во опозиција, кој официјално започна од вечерта на 11 декември, таа вечер на пресврт која тој сеуште ја нарекува победа, а всушност е олицетворение на неговиот пораз што уште тогаш го осетивме а денес го гледаме да делува. Тој негов пат помина по три важни пресврти. Првиот беше отвореното додворување кон граѓаните Албанци на оваа земја, трудејќи се залудно, после една фашистичка кампања да ги предомисли дека не е и така лош како тие го мислат. Потоа следеше вториот пресврт кој беше отворената закана кон неговиот досегашен коалиционен партнер ДУИ трудејќи се да се држи цврсто до принципот “победник со победник” за кој во интервјуто рече дека никогаш не потпишал договор туку дека спонтано и преќутно почнал да го почитува. И на крај, последниот пресврт е обидот за фрлање пепел во очите на народот преку само-претставување на себеси за патриот од големи размери каков што досега не се видел во оваа земја, и кој единствено за тоа што е голем патриот, ќе оди во опозиција и таму ќе ја продолжи неговата возвишена патриотска дејност за татковината каква што тој си ја замислува.
Интересен ми беше кога образложуваше дека ветувањето на Заев дека ќе го унапредува употребата на албанскиот јазик кој одамна според Уставот е службен јазик во оваа земја, е “национал-романтична” идеја од претходните векови, и дека нема ништо логично албанскиот јазик да се користи и во местата каде што тие не претставуваат повеќе од 20% на населението.
Изгледа Груевски се збунил малку во однос на национал-романтизмот, а особено во однос на нелогичните работи кои се реалност во оваа земја. Имено, нема ништо нелогично во можноста граѓанинот Албанец да се обрати на албански јазик во подрачната единица на некое министерство кое се наоѓа, на пример, во Охрид и да добие одговор на свој јазик. Напротив, знаете што е нелогично? Нелогично е таквото право граѓанинот да го има во Струга, бидејќи таму живеат над 20% Албанци, а да го нема во Охрид, петнаесетина километри подалеку, бидејќи таму живеат помалку од 20% Албанци. Тоа не е само нелогично, туку и се коси со членот 9 на Уставот на РМ во кој пишува дека сите граѓани се еднакви пред Уставот и законите. Епа, според сегашното решение, граѓанинот Албанец од Струга не е еднаков со граѓанинот Албанец од Охрид, Битола, Велес, итн. Нелогично е да се тврди дека еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите води кон федерализација на државата. Напротив, сегашното решение на целосна територијална поделба на граѓаните и на нивните права е всушност федерализација. Цврсто поделениот етнички пристап кон владеењето кој го наметнаа ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и кој се трудат по секоја цена да го задржат според тој принцип на “победник со победник” е вистинската иако јавно непризнаена федерализација на државата.
Според тоа што го кажува Груевски, доволно им е на Албанците да можат службено да го употребуваат својот јазик во местата каде се над 20%. Според ова, Албанците треба фино и убаво да си живеат во општините каде се над 20% а тие помалку среќните, од другите општини да си се преселат во Тетово, Гостивар, Дебар или Струга и да си се служат со својот мајчин јазик. Никако, ама под никакви услови да не помислат Албанците да започнат некаков бизнис во Берово или Штип и не дај Боже таму да се обратат до некоја подрачна единица на министерството па уште и на мајчин јазик. Тоа би било крај, тоа е сигурна федерализација и сигурен распад на системот не само на подрачната единица на министерството туку и на целата држава!
Па кој е Груевски да каже што е доволно а што не е доволно, што е потребно а што не за Албанците во оваа земја и да пристапи кон нивните потреби како лице кое може кога сака да дава а кога сака да зема нешто?! Кој е Груевски да одреди каде треба да живеат Албанците и каде и како треба да се служат со својот јазик?! Кој е Груевски да го ограничи движењето и работењето на цела една заедница и да им каже дека треба да бидат среќни што можат да живеат и да работат во местата каде тие се мнозинство, бидејќи другиот дел на државата не е нивна?! Токму таквиот пристап не враќа кон средновековието, подалеку и од времето на национал-романтизмот, кога луѓето живееле во своите градови и села, во цврсто воспоставени граници каде секое село имало свое право, свој закон, своја власт. Гетоизирањето и изолацијата на заедниците во “своите места” никогаш не помогнало во зачувувањето на унитарноста на државата. Единствено инклузивноста на целото население во едно граѓанско општество кое ги почитува и општите човекови права и колективните права на заедниците придонесува во зацврстувањето на унитарноста на земјата и става крај на непотребните, неправедните и контра-продуктивните поделби.
Втора интересна работа која ја забележав во интервјуто беше дрскоста на Груевски со која зборуваше за одредени работи. Имено, кога зборуваше за Мајскиот договор, за кој рече дека не постои, бидејќи имало само Мајски разговори а не и Мајски договор (во меѓувреме, ДУИ продолжува да се колне во овој договор и во легендарниот принцип “победник со победник” и упорно сеуште зборува за петте опции за коалицирање), Груевски рече дека иако таков договор никогаш не потпишал, сепак тој почнал преќутно да го почитува истиот, особено затоа што ДУИ “молел” две години за такво решение. Потоа тој го истакна следново: “Ако сега се наруши овој принцип, и ако во иднина некој ми дојде во штабот да ми зборува за “победник со победник” ќе го истерам од штабот”. Повеќе од јасно е како Груевски размислува за себеси сите овие години. Тој мисли дека е олицетворение на семоќниот Бог во земјата кој единствено знае што е добро а што е погубно за своите чеда, кого обичните грешници го молат со години нешто да им даде, па тој на крај им дава, па грешниците не се задоволни и ја изневеруваат неговата доверба, при што настапува суровата одмазда божја олицетворена во истерување од партиски штаб!
Доживувајќи вакво просветление за менталната состојба на екс-премиерот, се сеќавам на делот од интервјуто во кој тој објаснуваше колку кратко траел разговорот со ДУИ во однос на поддршката за продолжувањето на мандатот на СЈО да покрене обвиненија, кој впрочем беше и еден од бескомпромисните услови на ДУИ за коалицирање. Груевски рече дека тоа веднаш го појасниле и дека јасно кажале дека во ВМРО се против таа работа и објасниле зошто. Останува дилемата како ДУИ продолжил да разговара за Платформата кога еден од бескомпромисните услови бил јасно одбиен?!
Што се однесува до одговорот на Груевски во врска со СЈО, истиот е многу разбирлив. Па кој човек кој за себе мисли дека е Бог би прифатил да го гонат обични грешници, па дури и да се специјални, а згора на тоа да му суди некаков суд, кога се знае дека таков каков се замислува, всушност тој е судот на судовите, олицетворение на небесната правда врз грешниците кои сé нешто му грешат, де внатрешните де надворешните непријатели, де Албанците, де Сорос, де здруженијата на граѓани платени од него?! Па затоа, иако секогаш им простува со неговата бескрајна милост, овој пат тој пресече: Доволно се 18 месеци за истрагите на СЈО, исто како што е доволно Албанците да си го зборуваат и да го употребат јазикот во своите дваесет-процентни општини чии што градоначалници впрочем треба да се плашат и тоа да бидат преплашени од одмаздата божја за нивните гревови!
И така, мафијашот кој сакаше да стане диктатор, а кој себе си се замислува за Бог, ќе оди во опозиција како голем патриот. Сè заради некои “клети шиптари” кои никако да го засакаат и за кои било “fancy” да си против ВМРО. Епа тука се согласуваме со Груевски, за прв пат од кога памтам за него. Да, “fancy” e да си против криминал кој некој сака да го покрие со рувото на патриотизам. Уште повеќе е “trendy” да си против фашистички национализам со кој себеси се прогласуваш за “патриот” а другите, кои се дрзнале јавно да прозборат за твојот криминал ги нарекуваш “предавници”. Дури е и “cool” да се гордееш што си против таков ерес кон демократијата и да се обидеш да успееш да најдеш ронка надеж за живот во земјата во која надежта е одамна убиена од страна на лажните патриоти кои уште мислат дека знаат што е добро што е лошо, што им треба а што не им треба на граѓаните.
Таа дрскост со која Груевски се замислува и се претставува како бог на патриотизмот во оваа поднебје извира од тие 450.000 гласови на луѓе кои навистина веруваат дека нивните сограѓани ќе ја разнебитат оваа земја и со тоа најлесно и најшироко ги затвораат очите пред криминалот што им се одвива пред нос. Се надевам дека еден ден тие граѓани ќе разберат дека вистинската опасност во оваа земја не доаѓа од Албанците или било кои други заедници, туку доаѓа од луѓе кои се спремни да направат сé за да бидат недопирливи во обидот за гонење на корупција и криминал.
Се надевам дека еден ден ќе разберат дека службената употреба на јазикот на една заедница ја прави таа земја побогата а не посиромашна. Се надевам и пожелувам еден ден да можат да ги прочитаат стиховите на Миѓени и да видат колку се слични на стиховите на Рацин, како и да го почувствуваат истиот копнеж по татковината во стиховите на браќата Миладиинови како и во тие на браќата Фрашери. Можеби тогаш ќе разберат дека всушност не сме толку различни и дека отсекогаш сме имале заеднички проблеми за кои многу малку сме знаеле и кои сме ги скриле меѓу себе со цел да бидеме посигурни во нашата изолација. Се надевам дека во иднина ќе можеме да кажеме дека навистина живееме во заедничка држава во која сите се свесни за проблемите на другите и настојуваат истите да ги решат преку градење мостови а не преку копање ровови.
Надежта е силна работа и умира последна. Некои дури кажуваат дека е вечна.