Вечерашниот судир на фудбалските титани Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед во Скопје ќе го следат милиони фудбалски фанови во светот преку директниот ТВ пренос.
Токму овој спектакл го стави Скопје во центарот на вниманието на светската јавност.
Извршниот комитет на УЕФА на крајот на јуни 2015 година донесе одлука Скопје и Националната Арена „Филип Втори“ (сега Телеком Арена) да го организираат Европскиот Супер куп во 2017-та година.
Откако УЕФА одлучи Европскиот Супер куп да се игра низ Европа, а не само на стадионот во Монте Карло, досега домаќини беа Прага (2013), Кардиф (2014, Тбилиси (2015), Трондхајм Норвешка (2016).
-Скопје е првиот град во регионот кој добива организација на вакво престижно фудбалско натпреварување, што претставува голема чест, но и голема одговорност. Суперкупот е настан кој ќе биде голем импулс и мотивација за развој на фудбалот во нашата земја и секако во регионот, а воедно и одлична можност Македонија да се промовира и афирмира пред светската јавност. Со добивањето доверба да бидеме домаќини на настанот кој го следат милиони луѓе ширум светот, нашата организација станува чувар на националниот идентитет и горди сме што УЕФА ја препозна нашата посветеност за фудбалот и подготвеноста да бидеме одлични организатори на големиот спортски настан изјави претседателот на Фудбалската федерација на Македонија Илчо Ѓорѓиоски.
Што е добивката
Со доделената организација на Супер купот 2017 година во кој ќе настапат освојувачите на Лигата на шампиони и Лига Европа во сезоната 2016/2017, најголем бенефит би имала домашната економија.
15-20 милиони евра е прогнозираниот износ на средства што ќе се слеат од активностите на посетителите во периодот на одржување на Супер купот – главно за ноќевање, ресторани, културни знаменитости, компании што нудат транспортни услуги, шопинг центри и останати трговци.
Ова се проценки на реномираниот портал Маркетинг 365.
Но, сепак, најзначајна е промоцијата што ќе ја добие Македонија. Супер купот е настанот кој го следат милиони луѓе ширум светот, го пренесуваат речиси сите земји во светот и претставува врвна фудбалска претстава.
За земјата домаќин, овој настан е огромна можност за промоција и афирмација во светот.
А токму тоа е интенцијата на УЕФА, преку доделувањето на организацијата на Супер купот на помалите земји во Европа, дополнително да се промовира и да се даде импулс за развојот на фудбалската игра и во овие средини.
За безбедноста ангажирани 2.000 полицајци
Скопје ќе биде под полициска опсада. Надлежните државни институции одржуваат постојана комуникација со Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) како логистичка поддршка на централата во Нион.
Ексклузивните информации од Министерството за внатрешни работи (МВР) до кои дојде НОВАТВ за улогата на формираното координативно тело и содржината на обемниот оперативен план со безбедносни мерки и активности што е изготвен и по кој ќе се постапува.
За безбедноста на Супер купот ќе бидат ангажирани околу 2.000 полициски службеници.
Припадници на Министерството за внатрешни работи (МВР) ќе бидат распоредени на граничните премини за прифаќање и придружба на навивачите на двата клуба до Скопје.
На посреќните од нив ќе им бидат доверени, стотици милиони евра, вредните ѕвезди на „кралевите“ и „црвените ѓаволи“ како одлична непосредна можност за селфи со некој идол од ростерите на Зинедин Зидан и Жозе Мурињо или автограм или, пак, сувенир за спомен од убавата прилика. Работното место за дел ќе биде околу стадионот во т.н. „обрачи“.
Планот предвидува три такви околу Националната арена. Последниот околу самиот стадион ќе биде инсталиран на три дена до почетокот на натпреварот и низ него нема да може да влегуваат цивили.
До „Телеком арена“ ќе има девет влеза за навивачите и сите оние кои имаа среќа да бидат извлечени на лотаријата што ја организира УЕФА. Два дена пред мечот е планирано детално „тресење“ на целиот стадион и неговата околина од антитерористички единици.
Ова не е прв меѓународен натпревар во Македонија, но е прв во кој играат два тима од странство и тоа од самата елита во светот. Досега немало инциденти на вакви натпревари и од МВР се надеваат дека и претстојниот ќе помине во најдобар ред.
Фан зони и услуги
Градот За симпатизерите на Реал Мадрид е резервиран плоштадот „Филип Втори“ преку Камениот Мост, а навивачите на Јунајтед го добија платото кај спомен куќата на Мајка Тереза, на улица „Македонија“ како своја територија за загревање. Меѓу нив, на централниот плоштад во главниот град, ќе биде ставен на располагање за неутралните вљубеници чија желба е уживање во одлична фудбалска претстава.
На трите места се поставени шанкови за пиво и мезе, но и билетари во кои ќе се врши замената на ваучери со купени карти. На двата клуба, според прописите, се поделени по 5.000 влезници иако, според досегашни информации со кои располага МВР, поголем број навивачи ќе има премиерлигашот.
На трибините само знамиња на Англија, Шпанија и двата клуба
УЕФА и Фудбалската федерација на Македонија упатија последно потсетување до сите љубители на фудбалот кои имаат билет и ќе присуствуваат на вечерашниот натпревар, дека на Националната арена „Филип Втори“ дека ќе биде дозволено внесување на знамиња единствено на клубовите финалисти, како и Националните знамиња на земјите од каде што клубовите доаѓаат (Шпанија и Англија).
Знамињата не смеат да бидат поголеми од еден метар и 250 сантиметри во нивниот најширок или најдолг дел. Во спротивно истите ќе бидат одземени.
Исто така, ќе бидат одземени знамиња кои пренесуваат порака со загрозувачка содржина за јавната безбедност, застапуваат нечиј став, или имаат навредливи и дискриминаторски пораки.
Ќе бидат одземени знамињата кои го попречуваат видикот на гледачите и прегледот на телевизиските камери.
Целта кон меѓународниот фактор е недвосмилено јасна. Настанот на годината во нашата земја да мине во најдобар ред, без проблеми и несакани ситуации и ништо да не биде препуштено на случајот и да изненади како препорака за одобрување и на идни кандидатури.
Во однос на домашниот, намерата е создавање на сите предуслови за надвладување на спортското над неспортското, да надвладее фудбалскиот дух и позитивната навивачка енергија и страст и Македонија да се прикаже како гостопримлива земја, но и како земја која има капацитет за организација на така голем и престижен натпревар.
Казни за препродажба на билети
Билетите за Супер купот не беа во слободна продажба туку се доделуваа преку аплицирање на официјалниот веб сајт – од 13. јуни до 4. Јули.
Цените на билетите беа од 15 до 50 евра, а едно лице можешр да аплицира за најмалку четири билети. Исто така и повеќе компании кои се спонзори на спектаклот доделуваа билети преку награди игри.
На 29 јуни Собранието на Република Македонија едногласно донесе измени и дополнувања на Кривичниот законик со кој се предвидуваат воведување санкции за фалсификување и нелегално продавање билети за Супер купот.
Законот беше предложен по скратена постапка од страна на четири пратенички групи.
Измените и дополнувањата се на барање на УЕФА заради усогласување со правилата за успешна организација на овој настан, а за да се спречи фалсификување и нелегална продажба на билетите, а поради тоа што досега не било законски утврдено.
На ден пред одржување на натпреварот, вчера, МВР приведе 41-годишен скопјанец – препродавач на билети за Супер куп.
Тој нудел, рекламирал и се обидел преку интернет огласувачите да продаде две карти за Супер куп за сума од 600 евра. Оставил телефонски контакт и име што било доволно полицијата да изврши претрес во неговиот дом, да ги најде билетите и да го приведе лицето.
Одземен му е компјутерот, телефонот и сим-картичката како докази во постапката. За ова дело е предвидена парична казна или затворска казна до една година.
Не е се така „розово“
Како што се приближуваше датумот на спектаклот, така се повеќе во медиумите не само во Македонија, туку и во Англија се пишуваше дека угостителите во Скопје во деновите пред и за време на Супер купот ги вивнаа цените за ноќевање и над 1000 евра.
Во небрано се најдоа особено навивачите на Манчестер Јунајтед кои во Скопје за Суперкупот ќе пристигнат во бројка од 8000 до 10000. Најголем дел од Англија, но и од целиот Балкан.
-Дел најверојатно ќе преспијат во околните градови или држави. Настана проблем околу сместувачките капацитети на претходно резервирани соби. Луѓето имаа резервации уште во мај и без посебно образложение дека ќе се откаже, самиот хотел или хостел им ги откажуваат собите за да ги препродадат поскапо. Фан групата на Словенците на Манчестер Јунајтед брои околу 60 лица. Имаат уште од мај резервирано и сега им ги откажуваат резервациите поради невалидна картичка на господинот кој резервирал. Сумата беше првичната, сега е неколку пати повисока. Им бараат самите да ја откажат откажат, но тие велат дека нема да ја откажат.Ни кажаа дека е контактирана амбасадата на Словенија и дека ќе си го решат проблемот по службена должност. Покренавме иницијатива како фан клуб на Манчестер од Македонија кој колку може да помогне. Некои од навивачите ке бидат сместени кај пријатели, добивме и пораки од граѓани без разлика дали се навивачи на Манчестер, имаше понуди за сместување и од други клубови за да им се помогне на луѓето, изјави за НОВА ТВ, Васко Кочковски од Фан клубот на Манчестер Јунајтед во Македонија.
За разлика од навивачите на Манчестер Јунајтед, ривалите од Реал Мадрид немаат поголеми поплаки за сместувањето во Скопје. Тие доаѓаат во далеку помал број, а како дестинација во која ќе преспијат ја одбрале Софија. И тие сакале да ноќеваат во Скопје, но кога ги слушнале цените, сепак се решиле за Бугарија, бидејќи таму цените на резервациите останале исти.
– Бројката на навивачи на Реал Мадрид во Скопје би требала да биде 1.500. Навивачите на Реал Мадрид не сакаат да одат многу на гостувања. После сезоната што ја имавме успешна изминатата сезона, сигурно не би сакале да патуваат до Скопје нема директна линија Треба да се патува преку Софија. Треба да се патува до Софија, Шпанците не се љубители многу на малтретирање и порадо би го потрошиле времето на годишен одмор. Се пожалија дека има зголемување на цените. Голем дел ќе бидат сместени во Софија, по натпреварот ќе заминат таму. До сега барања за обезбедување на сместување имаме, но тоа се многу малку“, вели за НОВА, Дарко Василевски од фан клубот на Реал Мадрид во Македонија.
Од Пазарниот инспекторат само одговорија дека тие работеле според годишен план и за вонредна инспекција ќе излезат само ако има пријава за конкретен објект
Ваквата алчност на некои хотелиери предизвика контареакција на социјалните мрежи каде се појавија голем број иницијативи за сместување на фановите од странство во приватни домови.
Една од ние е и онлајн платформа на членовите на WeTalkIT заедницата, која ги поврзува фудбалските фанови на кои им треба сместување, со луѓе од Македонија кои имаат желба да им понудат бесплатен престој.
Целта како што велат, била да се “обели образот на Скопје“.






