Од денеска започнува Неделата на гордоста и трае до 27. 06. 2013 година, во организација на Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ и ЛГБТ Јунајтед во соработка со ЛГБТИ центарот за поддршка и ЛезФем.
Неделата на гордоста ја организираат како симболично одбележување на Stonewall бунтот и на 27 јуни како интернационален ден на гордоста на лезбејките, геј мажите, бисексуалците и трансродните луѓе, а вклучува неколку настани, дебати и филмски проекции поврзани со различни прашања кои се од интерес на ЛГБТ луѓето во Македонија.
Настаните се поддржани од проектот на УСАИД за граѓанско општество кој го спроведува Фондацијата Отворено Општество Македонија.
Во пресрет на Неделата на гордоста и се понагласената борба на ЛГБТ популацијата во Република Македонија, во одбрана на човековите права, на социјалните мрежи вчера се појави група со навредливи коментари, која организира групен собир наречен „КОНТРА-гејПАРАДА“.
Повикувајќи се на верата како главен фактор кој не дозволува исто-полови односи, повикот на групата гласи:
„Не смееме да дозволиме во нашево Скопје, во нашата МАКЕДОНИЈА да се шета кортео од гејови и лезбејки. Во ниеден случај нетреба да дозволиме тие бесрамно да искочат и грозоморно да се допираат, бакнуваат и да прават други гадни работи пред очите на нас верниците, пред очите на малите деца, пред очите на старите пензионери кој мислат дека оставиле зрела иднина позади себе.
Не смееме да дозволиме тие да влезат во свет божји храм, да застанат пред олтар и да си го кажат судбоносното “да” – еден на друг или една на друга.
Не смееме да дозволиме некое мало невино дете да има две мајки за родители или пак двајца татковци, гласеа пораките на Контра геј-парадата.