Се возобновува Секцијата на спортски новинари при Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ). Нејзин фокус ќе бидат правата, заштитата и условите за работа на сите локации при извршување на службените обврски на новинарите во спортските редакции како пред домашните така и пред меѓународните спортски сојузи и асоцијации.
На денешниот иницијативен собир се појавија педесетина спортски новинари од речиси сите редакции и видови на медиуми. Поддршка на иницијативата дадоа и дел од присутните ветерани на спортското новинарство во земјата.
„Како реномирана и најстара новинарска организација во земјата, ќе бидеме ветар во грб за секцијата на спортски новинари со цел на подобрување на условите за работа на новинарите и поефикасно претставување пред домашните и меѓународните организации“, истакна претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски.
Назначено е привремено раководно тело на секцијата во состав Перо Момировски (Алфа ТВ), Сафет Адеми (ТВ Алсат М) и Владко Арсов (ТВ 24 Вести) со задача за натамошно анимирање на иницијативата меѓу колегите од спортските редакции во медиумите и подготовки за изборно Собрание за ново раководство. Притоа се истакна заложбата за обезбедување на оптимални услови за работа во спортски арени, за професионални извршување на работните задачи на спортските новинари и за подобра комуникација со клубовите и федерациите.