Одложен е почетокот на судскиот процес против активистот на Шарената револуција Павле Богоевски кого Основното јавно обвинителство го товари за учество во толпа која ќе изврши кривично дело, поради нецелосното обвинение во кое не е наведена висината на наводно предизвиканата штета.
Според Обвинителството, Богоевски се обвинува за фрлање балони со боја кон Министерството за култура, чиј објект пак е прогласен за културното наследство.
Рочиштето сега е презакажано за 14 ноември во 11.30 часот, а како причина за денешното одложување се наведува тоа што ЈО од технички причини не овозможи сослушување на претставник на Министерството за култура кој треба да се произнесе за висината на нанесената штета.
Богоевски изјави дека тој на 14.ноември повторно ќе дојде во Судот, но дека ќе ја признае шетата тогаш кога, како што рече „криминалците од власта ќе одговаарат за своите дела“.
„Да, бев дел од групата којашто Зврлевски дрско ја нарекува толпа и не, не признавам вина за моето сторено поведение. По дефиниција, вина е општествен прекор. Не може да ме прекорува општеството чијшто правен систем дозволува здружението на Груевски 10 години да ја силува правдата во оваа држава и да ја киднапира секоја пора во нашето општество. Ќе прифатиме одговорност за своите постапки, но само кога Груевски и другите инкриминирано во објавените разговори ќе прифатат одговорност во судницата до мојата“, изјави тој.
Тој дополни и дека обвинителниот предлог, не само што е обид за политички мотивиран прогон врз луѓе коишто протестираат, туку и катастрофално лошо спремен и правно неиздржан.
„Во меѓувреме обвинителството на Зврлевски продолжува да го игнорира вистинскиот криминал во државата, продолжува да постапува исклучиво по налог на својот партискиот шеф, претседателот на партијата, но дојдовме тука за да кажеме дека сè додека нема да има правда, нема да има мир“, изјави Богоевски пред судот.
„Недостасуваше суштински елемент, а тоа е висината на штетата. Без тоа не може да се подигне обвиниение и да се води постапка за тоа кривично дело“, изјави веднаш по излегувањето од судот адвокатот во одбраната Сашко Дуковски, кој дополни дека засега имаат тројца сведоци но остава можност за вклучување и на други зависно од доказите на Обвинителството.
Присутна во судницата беше и првата жена на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Уранија Пировска. Таа потенцираше дека Богоевски, како еден од најистакнатите активсти на Шарената револуција, бил гласот на револтот кон власта.
„Што е со снимките кои ги слушна цела Македонија? За корупцијата, за злоупотребата на службената должност? Ова е нелигитимен процес, процес кој е против народот на Република Македонија. Верувам дека постапката нема да го има ефектот кој го посакува власта, потенцираше Пировска.
За денеска закажаниот почеток на судењето на Богоевски предизвика голем медиумски интерес, а преходно пред Основниот суд Скопје 1 огромен број активисти од Шарената револуција се појавија со транспаренти да му дадат подрршка на активистот со порака дека и тие се учесници во толпа, дело за кое се товари Богоевски.