Судењето во Црна Гора на обвинетите за тероризам на денот на парламентарните избори, 16 октомври лани, што требаше да започне денеска е одложено откако еден од бранителите побара изземање на главниот специјален обвинител Миливоје Катиниќ и на сите обвинители во специјалното обвинителство во процесот што се води пред Вишиот суд.
Адвокатот Мироје Јовановиќ, кој е бранител на еден од лидерите на опозицискиот Демократски фронт Андрија Мандиќ и неговиот возач, рече дека неколкумина бранители до Врховното државно обвинителство поднеле барање за изземање на главниот и на сите останати обвинители.
Според него, главниот специјален обвинител имал целосно пристрасен пристап кон предметот со тоа што ги направил јавно достапни разговорите, транскриптите, не само од бранителите и обвинетите, туку и од меѓусебната комуникација на адвокатите.
Двајцата обвинети лидери на опозицискиот Демократски фронт, Милан Кнежевиќ и Андрија Мандиќ, денешното одлоќување го сметат за победа и порачаа дека ќе успејат да го запрат “државниот терор за време на монтираниот политички процес“.
Со обвинението на Специјалното обвинителство опфатени се лидерите на Демократскиот фронт, еден од возачите, како и двајца руски државјани Едуард Шишмаков и Владимир Попов и девет српски државјани.
Според црногорските власти, тие биле организирани да го заземат парламентот за време на парламентарните избори, да го убијат тогашниот премиер Мило Ѓукановиќ и да инсталираат проруско раководство со цел да го спречат влегувањето на Црна Гора во НАТО.
Подгорица исто така смета дека во целиот заговор биле вклучени и руски државни тела, но Москва ги отфрла ваквите наводи.

