Европската комисија (ЕК) е загрижена за настаните на грчко-македонската граница и сликите на насилство против бегалците кои вчера го обиколија светот.
Според портпаролот на ЕК, Македонија презела обврски во бегалската криза но очигледно дека нашата земја не се придржува до тие обврски.
– Познато е како ние сакаме да биде менаџирана кризата и ова што го гледаме на границата не е начинот на кој ние сакаме да биде менаџирана оваа криза, изјави денес портпаролот.
ЕК во Брисел очекува решение идната недела на 7 март кога се одржува самит помеѓу ЕУ и Турција. На овој самит ќе се направат обиди да се натера Турција да ги земе назад бегалците и да прекине да ги пушта во Грција. Турција за возврат треба да добие пари а можеби и слободен визен режим.
ЕК смета дека одлуката на Македонија за затворање на границата е донесена без консултација со Брисел.
– Ние сме во контакт со сите земји од балканскиот коридор како што беше договорено на 25 октомври 2015 година во Брисел и се разбира со поранешната југословенска Република Македонија. Ние инсистираме дека сите земји од Балканот треба да се договараат меѓу себе и да зборуваат со нас но тоа не било секогаш случај и ние им кажуваме дека сме загрижени, изјави портпаролот на ЕК денес во Брисел.
Светските телевизии повторно се во Македонија, откако нашата земја одлучи позитивно да одговори на барањето на Австрија и да ја затвори границата со Грција за бегалците, односно да ја отвора за онолку бегалци колку што Австрија е расположена да прими.
Познато е дека состојбата на границата е хаотична и без трошка надеж дека ќе може да се поправи во наредните денови. Напротив, бројот на бегалци секојдевно се зголемува.
На тоа повеќе предупреди и европскиот комесар за миграција Аврамполус кој алармираше велејќи дека хуманитарната криза е тука, во Грција и на границата со Македонија.

