Египет побара од амбасадорот на Турција да ја напушти земјата, бидејќи Анкара поддржува „организации кои шират нестабилност“ во Египет. Претходно, повлечен е египетскиот амбасадор од Турција.
Се претпоставува дека Каиро, иако не е јасно наведено, одлуката ја носи во однос на Муслиманското братство и поранешниот претседател, Мохамед Морси, пишува Ројтерс.
Претходно Каиро ја прекина дипломатската мисија во Анкара, кога египетскиот амбасадор ја напушти Турција.
Како одговор на египетската одлука, турскиот претседател Абдулах Гул, на државната телевизија соопшти дека „се надева дека односите помеѓу двете земји ќе се поправат“.
Портпаролот на турското Министерство за надворешни работи, сепак тврди дека Анкара е во контакт со амбасадорот и дека во наредните часови ќе му одговори на Каиро.
Анкара и Каиро, во август годинава ги отповикаа своите амбасадори поради консултации, кога египетските безбедносни сили упаднаа во кампот на поддржувачите на Морси на 14 август. Тогаш настрадаа повеќе стотина демонстранти.
Турција важи за цврст критичар на симнувањето од власт на поранешниот претседател на Египет, Мохамед Морси.