Според поранешниот американски државен секретар Медлин Олбрајт, дејствувањето на САД на Косово, вклучувајќи ја кампањата за бомбардирање без мандат од ОН, биле против меѓународното право, но биле исправни, јавуваат американските медиуми.
Споредувајќи ја кризата на Косово во 1999-та година, и сегашната криза во Сирија, таа истакна дека постојат низа начини преку кои САД би можеле да извршат удар над сирискиот режим без одобрување на Советот за безбедност на светската организација.
„Мислам дека постојат низа начини да се изведе тоа. Кога прашувате дали е тоа легално, искрено, навратувајќи се на Косово, системот потврди дека до некој степен она што го направивме ние во Косово не беше легално, но беше правилно“, изјави Олбрајт.
„Секогаш верував во тоа дека за нас ќе биде подобро доколку нешто направиме мултилатерално, отколку унилатерално. Но постојат и други начини да се сфати ова и да се излезе од ќорсокакот на Советот за безбедност на ОН“, додава Олбрајт.