За изградба на фонтани и помали плоштади, реконструкција на веќе постоечки или уредување на плато во изминативе 5 години локалните татковци потрошија вкупно 21 милиони и 413 илјади евра, објавува Слободна Европа.
Овие податоци се добиени од Бирото за јавни набавки. Според нив, најголем трошаџија за фонтани и плоштади била Општина Центар, која од 2010 до 2012 година потрошила вкупно 15 милиони и 663 илјади евра, од кои само комплексот фонтани на плоштадот Карпошово востание изнесува над 4 милиони евра. Во оваа сума не влегуваат спомениците поставени во тој дел. Само на територијата на општината се изградени повеќе од 5 фонтани.
По неа следува скопската општина Чаир која одвоила 2,5 милиони евра за изградба на плоштадот Скендер бег, а трета е Гази Баба со потрошени 760 илјади евра за уредување на плоштадот со фонтани при што во оваа сума влегуваат и гипсаните модели за декорација на плоштадот што ги изработила Валентина Стефановска.
На интернет страната на Бирото за јавни набавки е заведено дека Општина Свети Николе за изградба на фонтана распишала два тендера со вкупна вредност од 265 илјади евра. Неодамна во медиумите осамна информација дека новата фонтана во општината е изградена без одвод.
Според податоците на Бирото за јавни набавки, Општина Чучер Сандево потрошила најмалку пари за изградба на плоштад во село Кучевиште, односно за таа намена издвоила 45 илјади евра.