Сезона на оскари е. Сите нешто глумат деновиве. Каде и да се свртам некоја улога се игра. Гледам Бенедикт глумеше Папа до оној ден па се откажа.
Веројатно стариот хитлеров омладинец не можел да се соживее до крај со улогата. Барем булеварите во Ватикан да ги проширеше…
Не е секоја улога за секого. Ете на пример кај нас гледам ужасни обиди на глумење кандидати за градоначалник. Јани стана комита на комитите а Јагнула очајно се обидува да го одглуми Адвокатот на Ѓаволот. Чист аматеризам.
Баш велам оној ден “Оставете ја глумата на глумците”. И како да ме послушаа. Одеднаш сите улоги за кандидати ги дадоа на глумци.
Не значи дека глумците се лоши политичари. Реган е одличен пример за тоа. Обично политичарите се лоши глумци.
Едните глумат собраните и вметнуваат статисти кога можат и каде можат.
Гајле им е, додека има публика која ќе го гледа се тоа.
А другите глумат опозиција и се соживеаа со улогите. Убав им е филмот изгледа. А ние си го гледаме и уживаме веќе некое време. Можеби малку и сме задремале со филмот. А?