Сите приведени во синоќешните безредија при растурање на демонстрантите коишто ги поддржуваат евроинтеграциите на Украина во саботата наутро се ослободени, соопшти украинското Министерство за внатрешни работи.
Според украинските медиуми, припадниците на специјалните полициски сили „Беркут” во саботата пред мугрите го растуриле протестот на проевропската опозиција. Според медиумите, коишто се повикуваат на пораката на Twitter од пратеникот Андреј Шeвченко, повредени се 40-ина демонстранти, а полицијата ги проверува тие податоци.
„Протестите се задушени со груба сила, десетици луѓе се повредени, а десетици се уапсени”, напиша Шевченко.
„Триесет и пет луѓе се приведени во полицијата за составување административни документи за извршени дела хулигантство и спротиставување на претставници на органите на редот, а по завршувањето на тие материјали сите се отпуштени“, се наведува во соопштението на министерството за внатрешни работи на Украина.
Според опозициските пратеници, акцијата на специјалната полиција против демонстрантите на Плоштадот на независност во центарот на главниот град Киев, започнала рано утрото откако неколку илјади луѓе во петокот навечер протестираа против одбивањето на претседателот Виктор Јанукович да го потпише договорот за придружување со европската унија на самитот ЕУ- Источно партнерство, кој заврши во петокот во Вилнус.