ДУИ првиот круг од локалните избори го оцени како еден од најуспешните избори досега за партијата, со освоените гласови и наметнувањето на зелената агенда, а очекува успех и во вториот круг во Тетово, Гостивар и во општините каде имаат кандидати за градоначалници.
За Скопје поддршка даваат на актуелниот градоначалник и кандидат за нов мандат на СДСМ и Коалицијата, Петре Шилегов.
– За нас од ДУИ ова се едни од најуспешните избори до сега. И тука не говорам за постигнатиот резултат од првиот круг со над 120.000 гласови и неколку освоени градоначалнички места, туку за успехот на партијата да наметне една нова политичка мисла, целосно нова понуда која е многу важна и за развојот и за општините и за развојот на целата држава. Покрај резултатот ние сме горди што зелената агенда се наметна како задолжителен политички наратив во целото општество, процес којшто велеува во една структурирана предвидлива фаза од која нема враќање назад. Напротив со успехот кој го очекуваме и во вториот круг, зелената агенда станува обврска и за претставниците на локалната власт, а посредно и за Владата и сите други институции и општествени чинители, рече портпаролот на партијата Бујар Османи.