Министерот за надворешни работи Бујар Османи преку социјалните мрежи ги демантира информациите што ги изнесе претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека Бугарија побарала нов договор и редефинирање на македонската нација.
„Околу односите со Бугарија и мојата посета, сакам да истакнам: нема нов договор, туку има засилување на меѓусебната комуникација на повеќе нивоа. Притоа, отворено разговараме за сите прашања што произлегуваат од Договорот за пријателство; ги преземаме сите чекори за да им обезбедиме на комисиите непречена работа, за што испративме јавна благодарност за нивниот досегашен резултат, како и охрабрување за интензивирање на нивната работа. Впрочем, Мешовитата експертска комисија веќе утре и задутре ќе одржи средба во Скопје, што ќе претставува уште еден чекор кон исполнување на обврските од Договорот“, напиша Османи.
Министерот за надворешни работи во објавата повикува на сериозност и политичка зрелост и потенцира дека европската перспектива е предизвик за сите, не само за Владата.
„Односите со соседите не се регулираат со пласирање секојдневно информации во јавноста, а уште помалку шпекулации или тенденциозни изјави кои имаат за цел да ја вжештат атмосферата. Европската перспектива е предизвик за целата земја, а не само на Владата, и претставува обврска за секој од нас“, вели министерот.
Во истата објава, тој ја оценува неговата посета на Бугарија како позитивна бидејќи на неа се отвориле сите прашања и се засилила комуникацијата, а најважно, пишува Османи, се редефинирала заедничката желба – европската перспектива на земјава.