Ако победи Пендаровски верувам дека тој има перформанси да биде позитивен модел на модерен претседател, заклучува во интервју за Фактор, Руфи Османи, претседател на НДП.
Според Османи пак, доколку Иванов и ВМРО-ДПМНЕ ги добијат изборите, во Македонија ќе има нова епизода на филм кој е веќе виден. Тој образложува дека идниот претседател не треба да биде политичка марионета на владата, и дека иако нема реални политички компетенции, тој мора да зрачи надеж и респект за граѓаните.
Османи тврди дека за да се спречи сепаратистичкиот национализам кај Македонците и Албанците потребен е нов Устав, а без попис и со актуелната депопулацијата, во Македонија лесно ќе се манипулира со отсутните 500.000 гласови.
– НДП имаше принципиелен став дека ако албанските политички партии не кандидираат заеднички кандидат за претседател со реални можности да се влезе во вториот изборен круг, се друго е игра во полза на ВМРО-ДПМНЕ. ДПА со својот маргинален кандидат само е во функција на овозможување на мултиетничка конкуренција, бидејќи таа партија нема кредибилитет да ја добие довербата кај албанскиот електорат. ДУИ со своето инаетење поради отпорот само Иванов да не се кандидира туку да кандидира друг Македонец, под превезот на „консензуален кандидат“ го одглуми и реализира филмот на ВМРО-ДПМНЕ за предвремени парламентарни избори. За уште еден мандат за тандемот Груевски-Ахмети“ – вели Османи.