Полскиот министер за транспорт Славомир Новак,38, поднесе оставка поради часовник од 4.000 евра, кој го добил на подарок, под сомнение за корупција.
За оставката на Новак соопшти премиерот Доналд Туск, кој изрази жалење поради тоа. Туск посочи дека многу ја ценел работата на Новак. Сепак, Туск се слага со оваа одлука на Новак за давање оставка:
– Тој избра достоинствено решение. Ако судот утврди дека немало корупција, тој може да се врати во Владата, наведе Туск.
Новак беше министер од ноември 2011 година. Полското обвинителство покрена обвинение поради тоа што не го пријавил часовникот од 17.000 злоти (4.000 евра).
Обвинителството п побара од Парламентот да му го одземе имунитетот на Новак, на кого ќе му се суди и за пријавување на лажни податоци за имотната состојба. За тоа дело предвидена е казна затвор до три години.
Новак често беше критикуван од опозицијата, која го посочуваше како главен виновник за доцнењето на изградбата на магистралите и модернизацијата на полските железници.