Во оваа иницијатива се поканети да учествуват сите од Западен Балкан за да ја градат визијата за заеднички политички и економски простор и да го направат регионот реалност со конкретни придобивки за сите граѓани.Време е да почнеме сите во еден глас да зборуваме„Отворен Балкан“ не е целосен ако во него не се „интегрира“ Западен Балкан и манирите на современиот напреден свет.Ова место нас, нема да го направи никој друг..
Без малку две година по споделувањето на идејата во Нови Сад, премиерите на Република Северна Македонија и на Албанија Зоран Заев и Еди Рама и претседателот на Србија Александар Вучиќ, со потпишување на три документи и именување на иницијативата како „Отворен Балкан“ во четвртокот во Скопје, ја подигнаа завесата за една поинаква претстава како артикулација на силна политичка воља и иницијативност од највисок јавен интерес а во правец на поврзување за развој на економиите, за заеднички регионален пазар и негов долгорочен прогрес.
Оваа иницијатива која за цел го има слободниот проток на стоки, услуги, на луѓе и капитал, воедно значи демонстрација на една нова политичка перспективност што ја трасираат тројцата политички лидери а со која му вртат грб на владеењето врз база на креирање раздори и недоверба меѓу народите кои живеат на просторот на Западен Балкан и заземаат курс за подобро запознавање и функционирање, притоа со силно почитување на различностите кои не прават засебни.
Заев, Вучиќ и Рама неколку пати го нагласуваа фактот дека ова не е некоја американска или западно европска конструкција, туку автентична идеја па оттаму и вербата дека таа ќе успее, независно од евидентниот скептицизам кој владее меѓу луѓето и до некаде во земјите кои засега се надвор од ова економско регионално поврзување по нивна воља, а се добредојдени да му се придружат.„Отворен Балкан“ претставува голема прилика но и надеж, одговорност и обврска, самите да креираме подобра и поинаква иднина , не чекајќи било што да ни падне од небо и било кој да ни донесе подароци кои ќе ги платиме повеќекратно поскапо од нивната реална вредност“, оценува српскиот претседател Вучиќ во авторскиот текст за „Политика“ со наслов „Отворениот Балкан“ историски чекор за регионот“.
Отворен Балкан значи отворање на нови перспективи на заедништво, на поглед насочен кон иднината, интеграција а не дезинтеграција, отворени наместо затворени граници, слобода наместо ограничено движење, олеснување наместо отежнување на процедури, соработка наместо непријателство. И сето ова во правец народите да почувствуваат директни економски придобивки од обезбедените олеснувања а сето тоа да се одрази во буџетите на милионите семејства со што би се подигнал и квалитетот на животот, ќе рече премиерот Заев.
„Отворен Балкан“ не е алтернатива на ЕУ
Заев,Рама и Вучиќ, испратија силни пораки дека оваа иницијатива не е супститут односно алтернатива за Европската Унија, остануваат посветени на сопствените агенди и обврски во пристапниот процес за членство, но она што значи овој план е дека земјите се самоорганизираат и нема да чекаат додека ЕУ постигне консензус.
„Се согласивме дека Албанија, Србија и Северна Македонија нема да бидат заложници на неуспехот на ЕУ, да го деблокира процесот на нашата евроинтеграција и да излезе од сопствениот ќорсокак во кој се најде, кој го запре проширувањето кое пак самата Унија своевремено го определи како стратешко. Тој процес може да биде запрен во Брисел, но европеизацијата и имплементацијата на европските вредности на Северна Македонија, Србија и Албанија, нема зошто да чекаат“, гласи едногласно донесениот заклучок на Економскиот форум во Скопје.
„Отворен Балкан“ силно поддржан од бизнис заедницата
Она што треба да се нагласи е што оваа идеја наиде на силна поддршка од бизнисот во трите земји чии стопански комори ја катализираа и помогнаа да се дојде до оваа фаза, зашто како што во својот говор нагласи претседателот на Стопанската Комора на РСМ, Бранко Азески најголема опасност за Бизнисот е тој да биде спречен да расте и да се развива и дека тој е како река која тече онаму каде што има проодност. Ако се имаат предвид параметрите од Балкан Барометарот дека 77 отсто од граѓаните во регионот поддржуваат регионално поврзување и јакнење на соработката врз економски принципи а 65 отсто од бизнисот е на исто мислење, тогаш слободно може да се заклучи дека „Отворен Балкан“ се појави на вистинско место во вистинско време.Предвидено е коморите да соработуват меѓусебно во потрага и склучување на бизнис-партнерства и соодветрна работна сила за која се ,,гладни“ буквално сите економии во регионот.Винската индустрија ќе биде промовирана преку регионален фестивал на виното, за да може полесно да стигне до странските трпези. Ќе се организира и Балканска комисија за филм која ќе има за цел да ги промовира филмските достогнувања на региналните филм-мејкери.Перспективите се дека економската интеграција на трите земји би продуцирала раст од 2,5 проценти, а дека БДП-то со кое трите земји би ја завршиле годинава ќе биде околу 76 милијарди евра и тоа како такво е помало од она на Словачка кое за да ја стигнеме би ни требале 10 години, со ова економско поврзување тој период се намалува за 3-4 години и делува поприлично примамливо и ги оправдува намерите на политичките лидери.
Што претпоставуваат четирите слободи и единствениот регионален пазар?
- Преку зајакната инфраструктура на граничните премини, воведување 24-часовно работно време, со проширување на зелените коридори меѓу нашите земји и на Западен Блакн кон ЕУ, тоа значи 0 минути чекање на границите или преку илустрација, било кој транспортер од регинот да тргне кон било која дестинација во Македонија, Србија или Албанија нема да запре на ниту една граница. А, познато е дека 6%-8% од трошоците што се губат во неповрат заради чекање на граничните премини а стопанствата само поради ова губат меѓу 7 и 8 милиони евра годишно, може да се претпостави каков позитивен ефект би предизвикале овие средства и изгубено време кога би се пренамениле во нови производствени линии и нови работни места.
- Потребна е адаптација на сите владини политики за слободно движење на услуги , од заемно признавање на професионални квалификации , воведување систем без дозволи за интер-компаниски трансфер во рамките на шесте земји од Западен Балкан, па се до меѓусебно признавање на електронски потписи и други доверливи услуги.
- Проширување на слободното движење на луѓето, преку овозможување мобилност на студенти, научници и истражувачи, меѓусебно признавање на професионалните квалификации за работните дозволи и со проширување на туристичките понуди и релации во регионот.
- Во однос на слободно движење на капиталот се работи на системот за споделување на информации во врска со ДДВ, конзистентен на системите што се користат во ЕУ, со цел товарните возила да не сопираат додека се движат низ Балканот.
Планирани се состаноци за пронаоѓање на фондови за инвестирање од меѓународни инвеститори и донатори, кај кои предност ќе имаат регионалните проекти кои би условиле нови работни места и раст и развој на целиот регион во контекст на инвестицискиот план на ЕУ за Западен Балкан и зелените и дигитални транзиции на Европа.Со ова би се зголемила и видливоста за потенцијалните можности на регионот за инвестирање во него.
Големо внимание ќе се посвети на тоа регионот да ги развива обновливите извори на енергија и да биде препознаен како богат извор на ресурси за зелената енергетска иднина на ЕУ. Конкретен предлог на оваа тема е за фото волтаична централа во земјава која ќе ги напојува мрежите во регионот и во ЕУ.
Како и да е, во оваа иницијатива се поканети да учествуват сите од Западен Балкан за да ја градат визијата за заеднички политички и економски простор и да го направат регионот реалност со конкретни придобивки за сите граѓани.Време е да почнеме сите во еден глас да зборуваме„Отворен Балкан“ не е целосен ако во него не се „интегрира“ Западен Балкан и манирите на современиот напреден свет.Ова место нас, нема да го направи никој друг.
Мирјана Трпческа