Викендов во Стуга ќе се одржи дискусиона сесија во насока на градење на отворено и современо општество. Струга во контекст на овој настан се поврзува како асоцијација на поетскиот сензибилитет и како реален простор во кој коегзистираат, соработуваат и се тријат националните спротивности.
„Општество на мртвите поети“ е дискусиона сесија во рамки на проектот ЖИВИ БИБЛИОТЕКИ: архиви на граѓанска непослушност (куратори: Ивана Васева, Филип Јовановски) во соработка со ИНКА (Иницијатива за независен културен активизам).
Во сабота, дискусионата сесија „Општество на мртвите поети“ и јавниот настан за донирање книги како и претставување на проектот Живи библиотеки и обраќање на Ноа Трајстер од „Учителот Незнајко и неговите комитети“ од Белград , ќе се одри во новата канцеларија на ИНКА – поранешен клуб „Рубљов„ во 14 часот.
Темата „Општество на мртвите поети“ поттикнува на размисли за засегнатоста на општеството од поезија која поседува сила да плесне свест пред лицето на изместените вредности. Како писмо низ кое се исчитува интимниот глас на човештвото, поезијата има функција да буди емотивни промени во човекот, да освестува за состојбите во кои е затекната единката. Како таква, таа и поетот често носат ангажирано општествена улога која бодри и го придружува народот во борбата за подобар живот. Ја врши ли денес нашиот поет оваа улога, и допира ли тој глас, има ли сила, денес кога се прашуваме „Чуму поезија во овие скудни времиња„.
Во рамките на оваа читачко-дискусиона сесија ќе се одржи и јавен настан на донирање книги од струшки граѓани кои сакаат да донираат книги кои алудираат на потребата од поезија во овие тешки времиња и ја промовираат поезијата како синоним на чистина и фантазија а од друга страна како уметничко ангажирано делување кое внесува нови размислувања за стварноста.
Во недела пак, ќе се одржи читачка група со авторите на студијата„Национализмот во(н) контекст“, Здравко Савески и Мариглен Демири од Левичарското движење „Солидарност“
на истата локација во 13 часот.
Локација: Новата канцеларија на ИНКА – поранешен клуб „Рубљов
Со оваа своја антинационалистичка историска книга, Левичарското движење „Солидарност“ сака да ги прикаже случаите на соработка помеѓу Македонците и Албанците во периодот од Илинденското востание до Народноослободителната војна. Тие не тврдат дека помеѓу Македонците и Албанците имало само соработка, ниту пак дека секоја соработка била заснована на антинационалистички основи. Но сакаат да посочат и да докажат дека имало соработка помеѓу Албанците и Македонците и дека националистите (македонски и албански) не ја кажуваат вистината кога го тврдат спротивното.
ЖИВИ БИБЛИОТЕКИ: архиви на граѓанска непослушност е долгорочен кураторски проект кој подразбира процес на собирање и дистрибуирање на литература која се однесува на граѓанска партиципативност, активност и реакција по пат на донации од индивидуалци, претставници на невладиниот сектор и организации и здруженија кои се согласни да делуваат во насока на градењето на отворено и современо демократско општество.
Живата библиотека претставува отворена збирка од колективно знаење формирано од страна на самите граѓани. Таа постојано се гради и надополнува, преиспитувајќи ја идејата за тоа што претставува „знаењето“ и како тоа се манифестира во услови на радикални промени во социо-политички контекст.
Проектот е поддржан од: Фондацијата отворено општество – Македонија (ФООМ)
http://zivibiblioteki.wordpress.com/
ИНКА (Иницијатива за независен културен активизам) настана како резултатот на соработката на неколку уметници од Македонија со цел поефикасно и поквалитетно спроведување на заедничките идеи. Поточно, ИНКА претставува “арт-мерџер“ на групата „Wezdensky“ и неколку независни уметници од Македонија.
Здружението е формирано како асоцијација на културни работници за остварување, заштита и усогласување на своите интереси и уверувања за унапредување на граѓанското општество и локалните заедници. ИНКА врши дејности кои ја унапредуваат културата и уметноста, создава едукативни платформи и креативни методолошки алатки за имплементирање на активности кои поттикнуваат и ги јакнат општествените вредности.