Нон пејперот се уште ја бранува балканската јавност. Тој предизвика бурни реакции, бидејќи во него се предлага измена на границите во регионот на начин што предвидува создавање Голема Србија, Голема Хрватска и Голема Албанија.
ЕУ мора да застане одлучно против вакви сценарија, е пораката што меѓувреме ја испратија голем број политичари кои истакнаа дека менувањето граници е спротивно на заложбите на концептот на Европската Унија.
Германскиот државен секретар за Европа, Михаел Рот дециден, на Западен Балкан потребно му е регионално помирување, а не цртање нови граници.
Американската амбасада во Сараево реагираше на плановите содржани во „нон-пејперот” со јасен став во кој застанува зад мировниот договор од Дејтон и одбива какво било ново повлекување граници: „Босна и Херцеговина е демократска, мултиетничка, суверена и независна држава со неоспорен територијален интегритет, се вели во реакцијата на амбасадата.”
И позицијата на Европската унија се чини е јасна. „Нема нешто што би требало да се промени”, изјави портпарол на Европската комисија.
– Вакуумот во регионот создаден делумно од кризата со Ковид-19 и престојната длабока рецесија во ЕУ се плодна почва за опасни националистички идеи за прецртување на границите и под итно мораат да бидат сопрени. Нејасно е зошто овој нон-пејпер циркулира сега, кој е негов автор, дали е пробен балон, но прашањата што ги отвори се во спротивност со сите вредности и принципи на ЕУ, сметаат Либералите во регионот.
Постои или не, документот кој наводно во текот на февруари по тајни дипломатски канали е однесен во Европскиот Совет предвидува поделба на Босна и Херцеговина, припојување на Косово кон Албанија, а се шпекулира и за прецртување на картата на Македонија. Авторите се непознати, но документот постои, уверува поранешната шефица на хрватската дипломатија Весна Пусиќ, која целата идеја ја оцени како “смртоносна”.
Нон пејперот наводно е изработен од словенечкиот премиер Јанез Јанша. Иако тамошните медиуми го објавија, тој демантираше дека постои таков документ и дека е поврзан со словенечката влада. За македонската дипломатија, внимателноста е клучна во овој момент.
Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ со погрдни зборови го нарече наводниот документ за промена на границите на Балканот, изразувајќи надеж дека тој не потекнува од Словенија, објавуваат хрватските медиуми.
– Последните денови, јавноста во регионот се занимава со наводниот нон-пејпер за промена на границите на балканските држави и нивна реорганизација по етнички линии, а медиумите како автори ги споменуваат највисоките словенечки функционери, што тие негираат. Секое мирно разидување, Хрватска до Дрина, Белград до Уна – тоа не доаѓа предвид. И во таа смисла, таа хартија е големо сра..е“, рече Милановиќ.
Остра реакција стигна и од неговиот српски колега Александар Вучиќ, додека, пак, албанскиот премиер Еди Рама синоќа потврди дека таква карта видел и претходно, но не сакаше да ја коментира.
Идејата за прекројување на балканските граници ја осудија и од Кабинетот на претседателот Пендаровски.
– Секое прекројување на границите на Балканот нема да придонесе за стабилизација на регионот и секоја таква идеја нема да наиде на поддршка од Европската унија, вели претседателот Стево Пендаровски.
За македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи за настанатиот проблем единствено решение е европска и евроатлантска интеграција на регионот на Западен Балкан. Во однос на содржината на документот Османи вели дека со интензивирање на дебатата за затворање на големите прашања во регионот ќе се појавуваат различни шпекулации, дел со добра намера, дел со лоша намера, дел автентични, дел неавтентични.
– Република Северна Македонија е суверена земја, а нејзиниот интегритет е загарантиран и со Уставот, но и со Договорот за членство во НАТО. Промена на границите на Балканот, е можна само во форма на нивно отстранување во момент кога балканските земји ќе станат земји членки на ЕУ, истакна македонскиот премиер Зоран Заев.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервјуто за Канал 5 откри дека разговарал со словенечкиот премиер Јанез Јанша и тој му пренел дека тој не креирал нон-пејпер за прекројување на границите на Балканот. Но, му рекол дека таков сличен документ креирале Зоран Заев, Тања Фајон и Тонино Пицула.
Со експресна реакција на ваквата изјава се јави министерот за надворешни работи Бујар Османи кој го повика лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, да не ги внесува шпекулациите околу нон-пејперот во внатрешно-политичката дебата во земјата, бидејќи може сериозно да ги наруши односите со Словенија, која е наша пријателска земја.
На изјавата на Мицкоски експресно одговори и Европратеникот Тонино Пицула кој истакна дека нема да дозволаи Мицкоски да го вовлече во неговата валкана игра.
– Јас целосно ги отфрлам и осудувам обвинувањата и лагите на г. Мицкоски и сметам дека неговото однесување е доста навредливо, како што секогаш бев и ќе останам силен поддржувач на територијалниот интегритет и суверенитет на сите земји од Западен Балкан. Нема да дозволам господин Мицкоски да ме вовлече во неговата валкана игра. Но, мора да се каже, ова е во согласност со претходните обиди на ВМРО да се обиде да ја нападне социјалистичката влада на Зоран Заев и нејзините ’европски сојузници, вели Пицула.