Министерот за надворешни работи Бујар Османи го повика денес лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, да не ги внесува шпекулациите околу нон-пејперот во внатрешно-политичката дебата во земјата, бидејќи може сериозно да ги наруши односите со Словенија, која е наша пријателска земја. Османи рече дека разговарал со словенскиот шеф на дипломатијата Логар и дека тој го уверил дека премиерот Јанез Јанша не стои зад тој документ и дека нема промена во политиката и стратегијата на Словенија кон Македонија и кон регионот.

-Треба да бидеме внимателни кога поврзуваме одредени индиции со одредени држави, пред се кога немаме факти и докази за тоа, бидејќи премиерот Јанез Јанша ги отфрли шпекулациите за нон пејперот. Словенија е наш голем пријател и поддржувач, и јас сум уверен дека нема никаква промена во стратегијата на Словенија кон нашата земја и кон регионот, а последните донации се потврда за тоа. Во однос на содржината на нон пејперот, сметам дека како што ќе се интензивира дебатата за разни прашања во регионот, ќе се појават разни шпекулации – дел со добра, а дел со лоша намера. Регионот е сложен. Мој став е дека два модели се покажаа како најуспешни, а тоа се Охридскиот рамковен договор и евроатлантската перспектива. Ова е исклучителен квантен скок во процесите за помирување на регионот и затоа е важно да продолжи проширувањето на НАТО и јасната перспектива за интеграцијата во ЕУ. Само тоа ќе ги неутрализира сите региони и ниту една иницијатива нема да успева да го поремети мирот,  Османи за нон пејперот.

извор: независен.мк