Пишува: Р.П (иницијали на граѓанин кој ова писмо го достави до редакцијата на НОВА)
Драги претставници, дипломати, амбасадори и совесни индивидуи
Неодамна напишав писмо упатено до господинот Јоханес Хан на кое не добив одговор, но овој пат Ви пишувам со уште поголема ургентност поради развојот на настаните во мојата земја Македонија. Ве замолувам да земете во предвид дека јас не сум член на ниту една политичка партија или пак организација што е директно (или индиректно) инволвирана во оваа криза. Јас единствено ќе се обидам да ја опишам ситуацијата од неутрална, граѓанска гледна точка, односно од перспектива долго игнорирана од страна на македонските политичари и од медиумите под контрола на власта.
Да започнеме со тотална искреност, без заобиколувања и без празни фрази. Македонија НЕ е демократија. Ниту одблизу. Откако се здобивме со независност во 1991 година, водени од ентузијазмот дека конечно имаме своја држава, имаше некакви „знаци“ на демократски систем во развиток и процут на граѓанското општество. Дваесет години подоцна, сите тие бледи „срцеви отчукувања“ се замолчуваат, се бришат, се маргинализираат и игнорираат.
Да продолжиме со директниот тон. Македонија е (или уште поточно, е жртва на) тоталитаристички режим, комплетно прилагоден да ја окупира домашната политичка, религиска, етничка и економска средина на пост „рамковна“ Македонија. Овој режим (да го наречеме тоталитаризам 2.0) е многу издржлива, прилагодлива и безмилосна политичка машинерија која успеа да ги апсорбира и да ги осакати, односно да ги уништи институциите на државата. Сепак, таа машинерија ги уништи апаратите само од внатре, а однадвор ги „заташка“ со една релативно прифатлива „фасада“. Таа фасада не е поставена само за да ги заведува домашните гласачи, туку има за цел и да манипулира со меѓународната јавност. Од скорешните објавени „наводни“ разговори од аферата со прислушување, можеме сосема јасно да слушнеме како странските амбасадори се „менаџирани“. Можеме да слушнеме како Шефот на Европската Делегација е намерно дезинформиран и лажен за протестите кои се случија на 7-ми јуни 2013 година. Во тие „наводни“ разговори помеѓу министерката за внатрешни работи и министерот за финансии, можеме да слушнеме како одредени амбасадори се вербално напаѓани со навредлив тон и погрдни зборови. Од тие објавени „наводни“ разговори, но и од многу други примери од минатото (затворањето на А1, весниците „Коха“ и „Време“, насилното отстранување на опозицијата од парламентот на 24 декември 2012 година), можеме да заклучиме дека оваа власт, без сомнение, воопшто не е заинтересирана за влез во Евро – Атлантските организации. „Status quo“ ситуацијата очигледно е посоодветна за системот на клептократија која со години ја нагризува нашата држава.
Кога зборуваме за планска измама и погрдниот тон, не можеме а да не направиме студија на областа која веројатно е поразјадена и од самите институции на системот. Таа е главниот извор на деструкција кој ја инфицира нашата демократија и ја држи безмоќна и замолчена. Секако, се работи за медиумските куќи кои се под стриктна владина финансиска и цензорска контрола. Телевизиските станици и весниците контролирани од власта, бесрамно предводени од националната телевизија МРТВ, се главните алатки на оркестрираната пропаганда која помага да се спроведе и одржува македонската верзија на „Трумановото Шоу“. Понекогаш и ние граѓаните знаеме со потсмев да гледаме на разни „дебатни“ емисии, ТВ вести и репортажи кои на некој начин се магично координирани помеѓу сите медиуми за кои станува збор. Не е потребно да се биде „гениј“, за да се утврди дека нарачките за вакви содржини доаѓаат од еден извор со предетерминирана и добро уредена агенда. Меѓу другото, во скорешните разговори, и ова беше разоткриено каде неколку „наводни“ високи функционери нарачуваат „вести“ директно од „наводен“ главен уредник, со сличен вокабулар како кога се врши нарачка во ресторан. Овие практики креираат соодветна „виртуелна реалност“, каде многумина не ни можат да ја лоцираат вистинската информација во дадената презентирана вест. ТВ станиците и новините за кои зборуваме, не прават ниту обид да му се обратат на интелектуалецот, на човекот со образование, на независниот ум или на слободоумниот граѓанин. Тие ѝ „заповедаат“ само на индивидуата која е веќе и онака заглавена во машинеријата, на мажите и жените кои се најзависни од „државата“ поради нивните плати, пензии, субвенции и социјална помош. Всушност, таа машинерија е креирана и со цел да ги пасивизира (или разгневи?) ентитетите кои го притискаат копчето и го озаконуваат системот кои ги поробува. Така сето тоа се врти во круг, повторно и одново.
Кога гледаме или ги читаме продуктите на овие оркестрирани медиумски куќи, можеме со леснотија да заклучиме дека информациите се контрадикторни и конструирани на начин за да предизвикаат различни емоционални реакции кај несреќниот консумент. Од една страна, имаме постојани вести за тоа како Македонија е петта економија во Европа – по степен на развој, лидер во инвестиции, или пак водечка земја според креирани работни места во даден период. Во исто време, преку истите извори се презентира и одредена слика за некаков „недефиниран“, и „неопиплив“ непријател кој е секогаш таму да не спречи во постигнувањето на „крајните“ цели како држава. Грција секогаш ја игра улогата на главниот негативец, односно на земја која не се занимава со ништо друго освен тоа што го попречува нашиот пат кон Евро – Атланската интеграција. На оваа земја никогаш не се гледа како на сосед и иден партнер во ЕУ, туку како на ентитет кој егзистира единствено во зоната на вечна завист кон нашето „Александриско“ културно наследство. Имено, постои и вечна листа на непријатели спремни да скокнат и да ѝ помогнат на малициозната пропагандна машинерија. Понекогаш „негативецот“ или „антагонистот“ е опозициска личност која „само што“ не го продала името и идентитетот, или пак секогаш е во дослух со странски сили замешани во страшна завера. Тука, секако се и „непожелните“ странски и невладини организации слични на фондацијата „Отворено Општество“ на Џорџ Сорос, кои често се обвинуваат дека промовираат „практики“ деструктивни за „нашиот“ начин на живот.
Ние Македонците, ние секогаш сме „најдобрите“ во сè, а структурата на власт е СЕКОГАШ во право. Албанците понекогаш се „наши“, понекогаш се изедначуваат со „непријателот“, а власта е таа која одлучува кога и како ќе ја употреби оваа крајно опасна етничко – религиска игра. Неправичната слика презентирана во јавноста за нашите сограѓани Албанци е една од причините поради која имаме нестабилно и поделено граѓанско ткиво, дури и четиринаесет години по потпишување на Охридскиот Договор.
Некои високи функционери, вклучувајќи го и премиерот, се чести „ѕвезди“ на одредени „популарни“ ТВ програми каде расизмот, ултра национализмот и говорот на омраза се регуларна точка на аудио – визуелното мени. Често се запрашувам, како е можно, било кој претставник на една сериозна влада, да учествува во ТВ емисија каде Албанците (или било кој) се навредуваат со погрдни зборови? Имено, водителите на овие ТВ емисии се отворено хомофобични и често имаат тенденција да испраќаат соодветни пораки на омраза зад кои се крие нивната сопствена националистичка или пак политичка агенда. Како може сето ова да се случува во 2015 година е навистина скандалозно и го надминува секое ниво на толеранција на едно разумно човечко суштество. Замислете што ќе се случи доколку одреден водител или политичар во Соединетите Држави се обрати до Афро – Американската популација со зборот „N“? Можам со голема веројатност да претпоставам дека таа личност или медиумската куќа никогаш повеќе нема да работи во јавната сфера. Доколку не се лажам, за овие вербални прекршоци и говор на омраза постојат и строги затворски казни во развиените земји како што се Соединетите Држави. Вистината е дека состојбата со говорот на омраза во Македонија е дојдена до критична точка и надминати се сите граници на толеранција. Со ова се презентира и еден непристоен стандард на општо прифатено поведение за идните генерации како консументи на медиумските производи. За овие тврдења, не ги земајте во предвид само моите зборови. Секој може да ги провери скорешните извештаи на ОБСЕ – ОДИХР за Македонија како и други организации за човекови права кои дејствуваат во земјата. Во тие извештаи и наоди можат да се пронајдат и подетални факти за состојбата на медиумите, односно како тие влијаат врз разни аспекти на правата и слободите во Македонија.
Пред да го завршам ова писмо, би сакал да посочам уште еден пример кој се однесува на медиумите под контрола на власта. Тоа е случајот со скандалозното игнорирање на ИСТОРИСКИ важното студентско и професорско движење, кои во период од шест месеци се бореа за АВТОНОМИЈАТА на универзитетот. Со седиште на само стотина метри од платото на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, националниот сервис МРТВ ниту еднаш не ги пренесе студентите. Студентскиот Пленум се здоби со меѓународна поддршка и јавно признание од многу познати личности од странство, додека домашните медиуми срамно молчеа за сето тоа време. Зошто? Затоа што тоа беше првото движење кое што вистински и пркосно му застана на патот на режимот во својата намера да ги апсорбира академските институции и да го стави последниот остров на слободната мисла под својот јарем. Студентите и Професорите, пред да бидат игнорирани, во одредени медиуми, поминаа низ истата омаложувачка агенда. Изложените барања и факти никогаш не беа дискутирани, туку беа напаѓани односно навредувани професионалната политичката или етничката афилијација на конкретни личности.
На крајот, зошто го пишувам ова писмо до вас, личности кои ги сметам за пријатели на Македонија? Го правам тоа затоа што многумина сметаат дека ова е круцијален момент за нашата држава која сите неизмерно ја сакаме. Ова е моментот кога отворено кажуваме: Што е доста, доста е! Мнозинството на слободоумни луѓе во Македонија ги сметаат овие турбулентни времиња за пресуден момент во нашата историја. Не сакаме повеќе крвопролевање, уште една граѓанска војна, уште еден режим како оној на Милошевиќ, злокобни полициски тактики и контрола, страв и реваншизам, запустени и корумпирани установи, неконтролирана емиграција и децениска сиромаштија. Ве молам помогнете ни во оваа битка за демократија и за нашиот напор да ги повратиме и обновиме државните институции. Институции кои ќе работат во име на граѓаните и ЗА граѓаните, без разлика на нивната етничка, религиска, политичка, национална, идеолошка или каква и да е друга разлика. Застанете со цврст став против тоталитарниот систем, против секоја индивидуа или политичка партија која денес има за цел да ја онеспособи и задуши македонската иднина.
Ова писмо ќе го завршам со зборовите на ДОАЈЕНОТ на македонското новинарство, кој загина во 2013 година:
Колку чини слободата?
Ние сакаме општество на слободни луѓе, тие сакаат збирштина од безрбетници. И тука – нема компромис! – Никола Младенов (1964 – 2013)