Раководство на ВМРО ДПМНЕ декларативно се залага за ЕУ и НАТО но за САД оваа позиција е контрадикторна и теоретска. Тие не можат да видат како таа декларативна заложба може да се стане реалност без поддршка на Договорот од Преспа преку кој оди патот до ЕУ и НАТО.
“ВМРО раководството е за членство во ЕУ и НАТО и тоа го повторуваат постојано и немам причина да не им верувам. Освен што ние не гледаме друг начин како тоа да се постигне без Преспанскиот договор. Ако, во теорија, ВМРО ДПМНЕ поддржува влез во НАТО и ЕУ, што е тогаш планот за негова реализација? Ако сте против Преспанскиот договор, тогаш на вас лежи товарот да понудите алтернатива заснована на реалноста”, изјави заменик помошникот на државниот секретар на САД за Европа и Евроазија Метју Палмер кој попладнево разговараше со неколку новинари на кои им откри детали од неговата денешна посета на Македонија.
Според него, одлуката на Собранието од петокот е историска и прв чекор на конкретната интеграција на Македонија во ЕУ и НАТО. Палмер денес се сретнал со триесетина пратеници од нашето Собрание и им честитал на оние од опозоцијата кои се осмелиле да кажат “да” за Преспанскиот договор и покрај острото противење на нивните партии. Нивната одлука тој ја нарече “храбра” но не сакаше да каже повеќе за разговорот со пратениците од опозицијата со кои се сретнал.
“Настаните во Парламентот во петокот се историска точка во македонската политика. Тоа е почеток на процес за европска иднина за Македонија со почеток на преговори со ЕУ и членство во НАТО”, изјави тој на брифингот.
Иако сите очекуавме дека Палмер ќе се види со лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски, до таква средба не дошло. Причината, според Палмер, е едноставна. За него немало потреба од таква средба бидејќи се виделе порано и разговарале а од тој разговор заклучокот на Палмер е дека “тој ги знае моите ставови а и јас неговите.” Но на ова тој додаде дека всушност се што имало да се каже во разговор со Мицкоски било ставено во писмото на Вес Мичел, заменикот државен секретар на САД, упатено со Мицкоски.
“Писмото до Мичел го прочитавме многу внимателно. Мислам дека писмото на заменикот секретар Мичел (до Мицкоски) зборува за себе. Имаме различен став за најдобриот пат за Македонија. Нашиот став Мицкоски исто така го разбра”, рече Палмер кој не се видел ни со претседателот Иванов бидејќи за тоа немало потреба исто така.
Според писмото на Мичел, Преспанскиот договор е најдобриот пат за европската иднина на Македонија и “нема друг што чека зад ќошот”, рече Палмер и го искажа разочарување на САД поради ставот на ВМРО ДПМНЕ:
“Разочарани сме што партијата не е способна да донесе одлука за поддршка на Преспанскиот договор. ВМРО ДПМНЕ треба да им каже на пратениците дека тие треба да гласаат според нивна волја. Осуммина гласаа и тоа почеток на процес што ќе трае подолго.”
“Би ни било драго ако повеќе пратеници гласаат за овој процес од Ппреспанскиот договор за да има посилен консензус поради тоа што тој договор е круцијален за македонската иднина”, додаде Палмер.
Експресното исклучување на пратениците од партијата Палмер не го коментираше. Но, прецизираше дека САД ја почитуваат одлуката на пратениците од ВМРО ДПМНЕ што се осмелија да гласаат. За САД тоа е “храбра одлука иако знаеја дека може да има последици” и тие пратеници “го направија вистинскиот избор”.
Амнестија и помирување
Процесот што во Македонија треба да се отвори откако премиерот Заев зборуваше за помирување е комплексен. За Палмер амнестија и помирување се две различни работи помеѓу кои треба да се најде рамнотежа и согласност на општеството:
“Слушнав дека премиерот зборува за помирување а тоа не е исто со амнестија. Има потреба за одговорност и помирување и начин да се најде рамнотежа помеѓу тие две работи. Таа рамнотежа е политичка и лидерството на Македонија треба да покаже одговорност за да се оди напред. Тој процес треба да ги земе во предвид европските стандарди бидејќи Македонија сака да оди во ЕУ. И тој процес треба да го има во предвид владеењето на правото. Верувам дека таа рамнотежа може да биде најдена”, рече Палмер инститирајќи на тоа дека не е на Вашингтон да каже како тој процес не треба да изгледа. Тоа е работа на Собранието, вели високиот американски функционер.
САД очекуваат дека тоа помирување нема да се рефлектира врз владеењето на правото. Во тој контекст, Палмер денеска се сретнал со министерката за правда, со претставници на судската власт, на СЈО и на Обвинителството.
Поимот “помирување”, според Американецот, треба да биде јасен за граѓаните на Македонија:
“Важно е што значи тој поим за Македонецот, не за мене”, вели Палмер и додава дека треба да се води јавна дебата помеѓу народот за тоа што е тоа и како тоа треба да се направи.
“Како да се тргнете од минатото и како да се направи пат за напред. Како да се направи тоа во спецификите на македонската политичка сцена и како тоа да се прифати од народот”, објасни Палмер.
Руско мешање
Американецот не беше нежен со руската политика на Балканот.
И изрази згрижености поради, според него, очигледната вмешаност на Русија во процесите во Македонија како и пошироко на Балканот и во таа смисла смета дека се очигледни различните интереси на ЕУ и САД од една страна, кои сакаат Балканот да го видат во мир со себе и со другите, со отворени перспективи за граѓаните од цел регион, и од друга страна интересите на Кремљ, кој во регионот работи на создавање поделби и конфликти и тоа на еден нетранспарентен начин. Нивното влијание е очигледно преку некои медиуми и преку социјалните мрежи.
Што се однесува до ставот на руската амбасада дека ќе продолжи да ја нарекува Македонија под уставното име и ако земјата го смени името во Северна Македонија, Палмер рече дека САД не ја разбираат оваа одлука и не ја коментираат. Но истакна дека Русија во Советот за безбедност на ОН нема начин да го попречи Договорот склучен меѓу две суверени земји.
“Не гледам улога за Русија тука. Не сум загрижен околу тоа“, рече Палмер , но директно кажа дека имало негативно руско влијание пред референдумот, неконструктивно и нетранспарентно влијание со цел да ја наруши социјалната кохезија во земјата.
Безбедноста на регионот и Преспанскиот договор
Според Палмер, Русите работат да го нарушат успехот на дијалогот помеѓу Белград и Приштина исто како и Преспанскиот договор. Ним не им одговара нормализација на ситуацијата во Македонија, Србија и Косово.
Американецот не сакаше да зборува дали може и какво влијание може да има сето тоа врз Македонија но смета дека решението за спорот со Грција и нормализацијата на односите може да биде само позитивна за целиот регион.
“Ако иднината на Македонија е во ЕУ и ако односите со Грција се нормални, ако Македонија е во НАТО, верувам дека тоа му помага на целиот регион. Исто така верувам дека нормализацијата на односите помеѓу Белград и Приштина ќе има позитивно влијание исто така”, рече Палмер.