„Здравство и социјала како милостина“ е фељтон  на новинарката Менче Атанасова Точи кој НОВА, го објавува во продолженија, а е дел од публикација „Македонија од Букурешт до Преспа – Сведоштва на едно време: Македонија 2008-2018“ во издание на ФООМ. Тоа се сведоштва кои говорат за едно време-невреме кое во колективната меморија ќе остане запаметено како темно, кога Европа нѐ етикетираше како „заробена држава“ , a ќе го паметиме како „загубено време“

Пишува: Менче Атанасова Точи

Проектот „Електонска здравстена картичка“(СЕЗК)

Проектот „Електронска здравствена картичка“ формално започна со реализација во 2009 година, при што во план беше да се набават 2.000.000 електронски картички за осигурениците на ФЗОМ. Планирана беше персонализација на картичките со дигитален сертификат, информатички систем, хардвер и софтвер за поддршка, тренинг за вработените од Фондот за здравство, 10.000 читачи за картичките, а надлежните ветуваа дека со овој систем ширум ќе се отворат вратите за целосна имплементација на електронското здравство во нашата држава. Во тој период министер за здравство беше Бујар Османи, а со ФЗОМ раководеа Ѓорѓи Тренковски и Словенецот Јанез Јелникар.

Кога во август 2009 година Тренковски си даде оставка, на негово место дојде Маја Парнаџиева-Змејкова. Проектот оперативно го спроведуваше ФЗОМ. По многу одлагања, реализацијата конечно започна во февруари 2013 година бидејќи законскиот рок за имплементација беше до април истата година. Надлежните неподготвени тргнаа во овој проект кој не беше целосен, а првите 500.000 набавени картички што ги испечати хрватската фирма АКД беа со важност од 3 до 5 години.

Но, ЕЗК не ги исполнија очекувањата, внатре во картичките го немаше медицинското досие на осигуреникот бидејќи не беше инсталиран интегрираниот информатички систем. Проектот кој се најавуваше повеќе од една деценија доживеа фијаско. Парите за оваа намена ги снема, а нови средства не беа предвидени.

Иако картичките требаше да бидат бесплатни, тогашниот министер за здравство Никола Тодоров одлучи граѓаните да ги плаќаат од свој џеб, по 250 денари. Во буџетот од парите на граѓаните за ЕЗК, според груби пресметки, се собраа меѓу шест и осум милиони евра. Но, и покрај тоа, сите граѓани не добија ЕЗК.

Во наредната 2014 година, 310.000 граѓани останаа без здравствени картички иако уплатиле за нив. Во јули 2016 година повторно имаше проблем со издавање на картичките на кои им беше поминат рокот. Околу 46.000 вработени од здравствениот сектор и нивните семејства останаа без електронски картички иако од платата им биле одземени по 250 денари. Проблеми настанаа бидејќи Министерството за здравство не ѝ ги исплаќало редовно ратите на хрватската фирма АКД за изработените картички.

 

Во ноември 2016 година веќе не можеше да се скрие вистината — фирмата Индициум (фирма ќерка на АКД) си ги собра машините,
престана да ги изработува електронските здравствени картички и стави клуч на врата. Ова значеше крај на електронските здравствени картички. Иако Тодоров и Сашо Стефановски, кој во меѓувреме стана директор на ФЗОМ, ветуваа нов тендер за ЕЗК, тоа никогаш не се случи. Овие здравствени картички повеќе не се во употреба.

Каде отидоа милионските финансиски средства што беа предвидени за целиот информатички систем никогаш не се дозна. Над 10.000 читачи, кои беа набавени првично и околу 5—6 илјади набавени дополнително, сега собираат прашина. За овој неуспешен проект беа потрошени милионски суми на штета на граѓаните и на македонското здравство.

Видеонадзор во болниците

Проектот со набавката на камерите за видеонадзор кои требаше да снимаат по 24 часа во болниците го започна Селмани, го заврши Османи, а се обиде да го врати и надополни Тодоров, иако беше оценет како незаконски од страна на Дирекцијата за заштита на лични податоци.

Многу работи ги мачеа граѓаните и вработените во здравството во 2008 година. Болниците немаа лекови и медицински потрошен материјал, така што директорите земаа лекови на реверс од веледрогериите. Кога ќе се натрупаа долговите, веледрогериите престануваа да им доставуваат лекови сè додека не го платат долгот. Пациенти со карцином, со ретки болести, умираа без лекови.

Во едни такви услови, наместо да се инвестира во најсуштинските работи беа набавени 1.200 камери за видеонадзор. Камерите требаше да снимаат и во ординациите и по ходниците, а одредени лица во посебна просторија во Службата за заеднички работи да следат сè што се случува. Објаснувањето на Министерството за здравство беше дека тоа се прави за подобра ефикасност во работењето на здравствениот персонал.

Тогашниот министер Бујар Османи, кој ја финализира набавката, рече дека не дозволил пуштање на системот сè додека не се подготви правилник со кој точно ќе се определат начинот и постапката за употреба на записите од видеонадзорот, а дека во зоната каде што ќе се снима ќе биде назначено дека е под видеомониторинг. Се снимаа влезните места на болниците, околу шалтерите каде што се прави регистрација и евиденција, ходниците и централните аптеки каде што се чуваат лековите.

Само шест месеци подоцна Дирекцијата за заштита на личните податоци утврди дека снимањето на пациентите не е законско и дека е можна злоупотреба на снимките, а камерите најдоцна за две недели да се отстранат. Османи, иако се согласи со ова решение, не сметаше дека била загрозена приватноста на пациентите.

По оваа одлука, се затвори Центарот за следење кој беше лоциран во Заеднички служби, камерите и лозинките им беа предадени на клиниките. Остана мистерија кои камери беа отстранети, кои останаа да функционираат, се снимаат ли сè уште пациентите и вработените.

Никола Тодоров на шалтер во Градска болница

Подоцна, во 2012 година, имаше уште еден обид да се вратат камерите од страна на Тодоров, одлуката дури помина и на Влада. Дали овој проект, за кој Тодоров најави дека ќе влезе во Законот за здравствена заштита, се реализираше или остана на хартија, никој не знае да каже. Едно е сигурно — непотребно беа потрошени над еден милион евра, а досега никој не понесе одговорност за ненаменски направениот тендер.

Масовниот одлив на лекари во странство

Во 2010 година, кога започна големиот одлив на лекари и медицински сестри во приватните болници, започнува и процесот на заминување во странство. Според проценките на Лекарската комора, од 2010 до 2018 година државата ја напуштиле 1.207 лекари, или годишно во странство заминуваат околу 120 лекари, но се претпоставува дека бројот е многу поголем бидејќи на тие што студираат во Бугарија патот кон ЕУ им е директно отворен.

Истражувањето на меѓународната организација Хелтгрупер покажа дека лекарите се незадоволни од платите и од условите за работа, а дури 90 отсто од анкетираните се изјасниле дека немаат желба да се вратат назад во државата.

Вкупно 70 отсто од лекарите што останаа во државата велат дека сакаат да го следат нивниот пат. Според истражувањето на Хелтгрупер од 2016 година, одливот на млади лекари во странство се случува и поради политичката состојба. Околу 70 проценти од лекарите кои заминале во странство се изјасниле дека им било понудено да се вработат само ако се членови на одредена политичка партија. Школувањето на секој од нив државата ја чини околу 60.000 евра.

Истражувањето покажало дека мнозинството од сите доктори се крајно незадоволни од статусот кој го имаат во општеството, сметаат дека нивната професија не е ценета, дека работат во отежнати услови, под зголемен притисок и стрес. Кај сите преовладувал впечатокот дека државата не ја цени и не ја вреднува соодветно професијата доктор.

Реформите во здравството се генератор на незадоволство кај над 70 % од докторите кои работат во државното (77 %) и во приватното здравство (72 %).

Докторите, како носители на здравствената дејност, се основни чинители во делот на здравствениот систем кој ги произведува здравствените услуги. Од степенот на нивното прифаќање и од задоволството од реформите зависи и успехот на нивната реализација. Доколку оваа појава продолжи и понатаму, државата ќе остане без лекари, особено специјалисти, што многу негативно ќе се одрази врз целиот здравствен систем.

Македонија ја напуштаат и медицински сестри, а тоа го чувствуваат пациентите и вработените во јавното здравство, кои се принудени да дежураат почесто поради недостиг на персонал. Уморот и недостигот на концентрација се одразуваат на квалитетот на здравствените услуги. Во една таква состојба на недостиг на лекари специјалисти зачестија пропустите и лекарските грешки. Следуваше мрачен период за македонското здравство.

Следува: Недостигот на специјалисти резултираше и со смрт на родилки