На 32. Програмски конгрес на СДСМ во Скопје, се обратија претставници од сестринските социјалдемократски партии од регионот и Европа, со силна поддршка на СДСМ и претседателот Венко Филипче како и заедничка порака за продолжување на европскиот пат на Македонија, борбата против корупцијата и зајакнување на демократските вредности.
Од името на Социјалдемократската партија на Хрватска (СДП), Марко Кричка порача дека партиите се дел од заедничко европско семејство и дека искуствата од регионот треба да помогнат во процесот на интеграција:
„Тоа е сложен процес и свесни сте за тоа, и сакаме да ви помогнеме да не ги правите истите грешки како што ги направивме ние. СДП и СДСМ се братски партии не само кога е во прашање регионот, туку и кога е во прашање европската сестринска приказна. Социјалната демократија секогаш била најсилна кога била најхрабра.“, рече Кричка.
Во своето обраќање, Срѓан Миливојевиќ од Демократската странка на Србија испрати порака за борба против корупцијата и враќање на политиката кај граѓаните:
„Студентите победуваат во Србија! Мафијата ја завршува својата епоха на Западен Балкан. Победува храброто и чесно срце. Европа бара чисти раце и чист образ.“
Од името на ДПС Црна Гора, Јасмин Бојаџиќ нагласи дека Северна Македонија и Црна Гора имаат заеднички европски пат и безбедносни приоритети:
„Црна Гора и Северна Македонија направија клучни чекори кон НАТО и отворање на патот кон ЕУ. НАТО е безбедносен чадор без кој државите на Балканот би биле изложени на сериозни ризици.“
Иван Вујовиќ од СДП Црна Гора порача дека иднината на регионот е во европското семејство:
„Вие Македонците успеавте да зачувате нешто најсвето за секој човек – ја зачувавте душата, а праведно би било токму вашата Македонија да биде среќна, богата и уредена европска земја.“
Бојан Костреш од Лигата на социјалдемократи на Војводина истакна дека политичката борба продолжува со јасна европска насока:
„Вчерашната Скопска иницијатива и денешниот конгрес се почеток на нивниот крај, почеток на вашата победа и почеток на слободна и европска Северна Македонија.“
Од Шведска, Маркус Олави Каупинен од Социјалдемократите нагласи дека политиката мора да се врати на реалните проблеми на граѓаните:
„Во време на криза мора да работиме заедно за заедничка цел , политиката мора да биде едноставна и јасна – социјална сигурност, еднаквост и реални решенија.“
На крајот од обраќањата, заедничка порака од сите говорници беше дека Северна Македонија припаѓа во Европската Унија и дека европската иднина зависи од зајакнување на демократијата, владеење на правото и борба против корупцијата.
Филипче за новата платформа: Фер оданочување, поголеми плати и правда за работниците
Нашата нова идеолошка платформа мора да биде многу повеќе од декларација, таа мора да стане политички инструмент за дејствување, порача претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешниот 32 Конгрес „Твоја држава – твоја шанса“. Филипче посочи дека СДСМ од овој ден натаму мора да изврши силен, континуиран и одговорен притисок врз власта во три насоки.
„Прво, да бара јасен државен план за отворање на кластерите и поглавјата во преговорите, со рокови, политичка одговорност и целосен јавен отчет. Доста беа збунувачки изјави и маркетинг фотографии. Народот има право да знае што е планот, кој е следниот чекор и кој ќе одговара ако Македонија повторно остане во чекалната“, рече Филипче.
Дел од клучните столбови на новата Платформа како што појасни Филипче се фер оданочување, поголеми плати, правда за работниците.
„Да понудиме социјалдемократска алтернатива на овој економски и институционален застој: заштита на трудот, раст на платите, поефикасна борба со скапотијата, правда во оданочувањето, силни антикорупциски механизми, департизација на институциите и нов социјален договор за младите. Ако истиот даночен товар еднакво го чувствуваат и оној што живее од плата и оној што живее од шпекулации или скриен капитал, тогаш тоа не е еднаквост. Тоа е добро завиена неправда. Затоа ние мора повторно да зборуваме за фер оданочување и заштитата на трудот на работникот. Не од иделошко позерски причини, туку заради елементарна пристојност во една земја што сака да биде европска“, рече Филипче.
Тој додаде дека не смее да се препушти темата за иднината само на геополитиката.
„Не смееме да ја препуштиме темата за иднината само на геополитиката. Иднината мора да се преточи во семеен буџет, во пониски сметка за струја, во безбедно работно место, во достапен стан, во преглед на лекар без врски и понижување“, рече Филипче.
Во објаснувањето за новата Платформа, Филипче посочи дека мора да се мобилизира целата прогресивна јавност.
„Не само членството на СДСМ, туку синдикатите, граѓанскиот сектор, професионалците, младите, жените, стопанствениците што сакаат јасни правила, а не партиска милост. Зашто европската и социјалдемократската борба денес не е партиска удобност. Таа е линија на одбрана на државата од лизгање кон заробен систем на национализам, клиентелизам и контролирана правда“, рече Филипче.
Филипче: СДСМ е таму каде што му е местото – на страната на народот, на работникот и младите
СДСМ е таму каде што му е местото, на страната на народот, на работникот и младите, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче на 32 програмски Конгресот на партијата, „Твоја држава-твоја шанса“, потенцирајќи дека тоа е и вистинската улога на социјалдемократијата во едно општество што се соочува со економски и институционални предизвици.
„СДСМ се враќа таму каде што му е местото. На страната на обичниот човек, на страната на работникот, на страната на младите, на страната на правдата, на страната на Европа. Да ја обновиме вербата. Да ја вратиме правдата. Да ја растуриме маглата и да ја отвориме иднината, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Филипче во своето обраќање испрати јасна порака до власта, дека времето на изговори и истече, а Македонија нема повеќе години за трошење.
„Ако не сте способни да го искористите моментот, ако не сте способни да ја придвижите државата напред, ако не сте способни да изградите доверба – тогаш тргнете се од патот на државата. Затоа што Македонија не смее да биде заложник на вашата нерешителност, потенцираше Филипче на . 32 програмски Конгресот на СДСМ.
Филипче: Европа значи подобар живот за граѓаните и владеење на правото
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во своето обраќање на 32 програмски Конгрес на партијата „Твоја држава-твоја шанса“, се осврна на европската интеграција за Македонија посочувајќи дека тоа не претставува само политички процес, туку директен пат кон подобар живот за граѓаните и воспоставување на владеење на правото.
„Европа за граѓаните не значи апстрактен збор во дипломатски извештај. Европа значи поквалитетен и полесен живот. Значи помалку малтретирање и администрација при патувања, поквалитетно образование, сигурност во работата, подобро здравство, повисоки плати. Значи повеќе средства за инфраструктура, железница, енергетска трансформација, чист воздух и локален развој. Значи правила што не дозволуваат министер, директор или партиски шеф да биде над законот. Значи пофер пазар за македонските компании. Значи шанса младите да ја гледаат иднината тука, а не само во аеродромските терминали. Значи владеење на правото, подобри јавни услуги, поголема заштита на работничките и потрошувачките права и посилен отпор кон криминалните и коруптивни мрежи. Европските и прогресивните партнери деновиве јасно порачаа и уште нешто важно: реформите не се прават затоа што така бара Брисел, туку затоа што тие им го подобруваат животот на нашите граѓани и го прават општеството поправедно,“ потенцираше претседателот на СДСМ, проф д-р Филипче.
Корупцијата цвета а власта го употребува обвинителство за реваншизам
Корупцијата цвета а власта го употребува обвинителство за реваншизам, нагласипретседателот претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешниот 32 програмски Конгрес на партијата „Твоја држава – твоја шанса“. Филипче посочи дека во правосудството нема напредок, а власта се обидува да воспостави целосна контрола на овој клучен дел од системот.
„Во правосудството нема напредок, напротив власта се обидува да воспостави целосна контрола на овој клучен дел од системот. Не само што не постои борба против коруцијата, туку додека корупцијата цвета, власта го користи обвинителството за реваншизам и напади на опозицијата. Медиумите се во многу загрижувачка состојба, опаѓа слободата на печатот, се зголемува контролата од партиите на власт. Демократијата замира во оваа наша земја“, рече Филипче.
Тој додаде зад пораките на власта за стабилност се крие сосема поинаква реалност, во која граѓаните се соочуваат со економски притисоци, институционален застој и чувство на несигурност.
„Тоа е вистинската слика на владеењето денес. Скапотија за граѓаните, самоувереност на власта, празен ПР, застој во институциите, контрола на медиумите и конфузија во стратешките прашања. Власт што зборува за стабилност, а произведува несигурност. Власт што се повикува на достоинство, а всушност ја нуди беспомошноста како државна стратегија. Власт што сака да изгледа голема на фотографија, а секојдневно станува мала пред проблемите на луѓето“, рече Филипче.
Она што е опасно како што кажа Филипче е што целата слабост, неуспех и неспособност се прикрива со националистичка реторика.
„Зашто најлесно е неуспехот да се покрие со врева. Најлесно е тешката реалност да се оттурне со наметнато чувство дека секоја критика е предавство, дека секој разумен предлог е слабост, дека секој повик за храбрa одлука е понижување. Но, држава не се води со инает. Држава се води со визија. Држава не се брани со изговори. Држава се брани со резултати“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.




