Премиерот на Бугарија, Кирил Петков в сабота ќе престојува во Битола, каде што ќе присуствува на свеченото отворање на клубот на Центарот за култура „Иван Михајлов“. Петков е прв бугарски премиер што ќе ја посети Битола, соопшти прес-службата на бугарската Влада.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, пред почетокот на настанот Кирил Петков ќе разговара со претставници на бугарски здруженија во Република Северна Македонија. Во рамки на посетата, бугарскиот премиер и министри во Владата на Република Северна Македонија ќе го посетат далноводот Битола-Елбасан. Изградбата на далноводот претставува реализација на енергетскиот дел од Коридорот 8.
Во делегацијата предводена од премиерот на Бугарија ќе бидат и министерката за надворешни работи Теодора Генчовска и нејзината заменичка Велислава Петрова.
Во Битола ќе биде и потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова. Таа во недела, на 17 април, ќе престојува и во Охрид каде што ќе го посети Дневниот центар за деца со аутизам, соопштија од нејзиниот кабинет. Проектот е финансиран од бугарската влада како дел од програмата на Министерството за надворешни работи „Бугарска развојна помош“. Јотова ќе присуствува и на отворањето на канцеларија на Здружението за толеранција и соработка „Хоризонти“.