Претседателот на НСДП, Тито Петковски очекува премиерот Никола Груевски да се откаже од тужбата против него или пак да поднесе иста таква тужба и против претседателот Ѓорге Иванов.
На средбата на претседателите на земјите од регионот што вчера се одржа во Брдо кај Крањ во Словенија, претседателот Иванов покрај другото рече и дека „Мојата земја прифати да разговара за разликите околу името. Непосредно пред Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година прифативме конкретен предлог од медијаторот Нимиц, но бевме блокирани“, реагира преку соопштение Тито Петковски, лидерот на НСДП.
Тито Петковски пред две недели го изгуби случајот за клевета кој против него го покрена премиерот Никола Груевски. Согласно пресудата тој на премиерот треба да му плати 650 илјади денари казна.
Груевски поднесе тужба против Петковски поради тоа што претрпел „душевната болка“ заради изјавата на лидерот на НСДП во која стои дека Груевски пред НАТО самитот во Букурешт за земјава го прифатил името Република Македонија – Скопје.