Кризата за храна и за суровини за храна што настана поради војната во Украина ја принуди македонската влада да ја зголеми помошта за развој на земјоделското производство посебно во делот на производството на храна. Појавата на кусок на лебно жито и на масло за јадење го вклучи алармот и за мерки за спречувње и на миграцијата село – град затоа што дури и сопствениците на ниви во селските атари кои што се главни ресурси за производство на храна, ги напуштија ораниците и ги заменија со градски асфалт.
И глобалните прогнози се исклучително неповолни и предупредуваат дека светот ќе снемува храна, па националните влади како што се препорачува треба итно да пристапат кон развивање на капацитети за сопствено производство на храна и максимално ползување на природните ресурси.
Мерките кои што денеска ги објави македонската Влада преку министерот за земјоделие, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, се првата поголема реакција на кризата која и во регионот и во светот веќе добива загрижувачки размери но и откако владата го донесе националниот план за производство на храна.
Пет од мерките што ги објави министерот се однесуваат на финансиска поддршка на земјоделието и руралниот развој за што се објавени јавни повици за апликации до 20 мај. Притоа од 3000 на 6000 евра е зголемена поддршката за секоја жена поединечно од програмата за „рурална жена“ за набавка на опрема за доработка и преработка на примарни земјоделски производи, како и за набавка на опрема за директен маркетинг на фарма. Ефектите кои се постигнаа со оваа мерка, се развиени мали семејни бизниси и нови производи на пазарот за што и самиот се уверувам во моите теренски посети. Од сопственото земјоделско производство жените развија широк спектар на производи со додадена вредност, а само мал дел од нив се маџун, млечни производи, пчеларски производи, мармалади и други“, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.
Втора мерка е за продажба на трактори. Приоритет ќе имаат производителите на житни култури како што се пченица, пченка, јачмен и сончоглед. На минатиот јавен повик од оваа мерка беа склучени договори со 540 корисници со вкупен износ од 206 милиони денари.
Трета мерка е мерката за набавка на силоси за сточарите кои не располагаат со капацитети за сместување на сточната храна. Поддршката од владата е до 75 отсто од износот на силосот.
Четврта мерка е поддршка на инвестиции во мандри на бачилата а условот е апликантот да има најмалку 50 овци или 50 кози.
Последна петта мерка, од првиот сет, се однесува на тутунопроизводителите. Секој кој има 5 хектари земјиште под тутун ќе му се помогне со финансиски средства за набавка на машини за садење, за нижење и за сушење на тутунот.
„Новитет од оваа година се мерките за инвестиции во силоси, мандри и опрема за производство и преработка на тутун. Со финансиска поддршка од 50% – 75% од вкупната вредност на инвестицијата ќе бидат поддржани производителите на житни култури кои во својот деловен план ќе предвидат набавка на силоси за складирање на житни и индустриски зрнести култури. Максималната вредност на прифатливи трошоци е 1 милион денари. Со цел стимулирање на преработката на македонското млеко и пласирање на нови производи објавен е и повик за финансиска поддршка за инвестиции во мандри. Оваа поддршка може да ја искористат сите сточари кои имаат минимум 150 овци или минимум 50 кози. Максималната вредност на инвестицијата може да биде 600.000 денари од кои 50% – 75% ќе бидат ко-финансирани од страна на Агенцијата. За оптимизирање на квалитетот на македонскиот тутун, овозможуваме и финансиска поддршка наменета за процесот на производство и преработка на тутунот. Максималната поддршка е во висина од 4 и пол милиони денари кои ќе бидат ко-финансирани од Агенцијата во висина од 50% – 75%“, изјави директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никица Бачовски.
Министерот Николовски појасни дека во следниот сет мерки за помош ќе бидат опфатени програмите „млад земјоделец“ и оризопроизводителите. Притоа се планира субвенција од 100 евра за повисоки приноси од планираните, зелена нафта – програма со која Владата ќе покрива 50 отсто од потребите на земјоделците за нафта, и други мерки кои ќе бидат објавени.