По Србија, и Бугарија донесе одлука дека се откажува од евровизиското натпреварување. Колку земји годинава ќе учествуваат на Евровизија е неизвесно. Големите трошоци, но и гласањето за кое се верува дека учествува и политиката и соседските односи си го земаат данокот.
Бугарската национална телевизија соопшти дека оваа година поради финансиски причини нема да испрати свој преставник на Евросонг во Копенхаген.
„Водени од желбата да се популаризира бугарската музика, како и бугарските изведувачи, веќе девет години медиумот испраќа преставници на престижниот конкурс. За своето присуство на европската сцена, БНТ е должна да плати надомест за учество, што за последната година е зголемен за 100%, во однос на 2005 година. Кон оваа такса влегуваат и трошоците за внатрешна селекција и избор на учесник, презентирање на бугарската песна пред европската јавност и сите услуги и ефекти за време на одржување на натпреварот“, соопштуваат од БНТ.
Претходно и Србија соопшти дека се откажува од учеството на Евросонг од финансиски причини.