Шпанската анти либерална партија Подемос во неделата вечер ја славеше победата на Сириза во Грција уште пред да пристигнат првите резултати.
“Надежта доаѓа, стравот си оди. Сириза, Подемос – ние ќе победиме”, извика шефот на Подемос Пабло Иглесиас пред 8.000 приврзаници кои беа собрани во Валенција на истокот на Шпанија.
Нескриено задоволство од грчките резултати покажаа и француските социјалисти. “Социјалистичката партија ја поздравува победата на левицата ви Грција”, изјави националниот секретар на партијарта Филип Кордери.
“Анти-ригорозната линија против штедењето денес се зајакна во Европа. Од 2012 година Франсоа Оланд и социјал-демократските лидери работат за да ја реориентираат Европската унија. Во Алексис Ципрас тие ќе најдат нов сојузник. Левицата заедно ќе донесе триумф за развојот, вработувањата и солидарноста”, рече Кордери преку соопштение.
Џани Питела, претседателот на социјалистичката група во Европскиот парламент им честиташе на Грците и побара од Ципрас да формира силна про-европска коалиција. Според Питела, преговори за грчкиот долг повеќе не се сметаат за табу тема.
“Сега е време да се инвестира во економски развој за да се намали дефицитот и јавниот долг. Социјалистите секогаш се залагале за тоа во Европа. Волјата на грчкиот народ треба да се почитува од сите ЕУ институции и сите земји членки”, рече Питела.